Од утре до петок, секој ден, се закажани судски рочишта за предмети на специјалното јавно обвинителство. Неделата започнува со судењата за предметите „Шпион“ и издвоената постапка за насилството пред општина Центар за обвинетиот Димче Крстев. Во вторник на 6 март е закажано рочиште за предметот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на ТВ Нова, Сеад Кочан. В среда обвинителите од СЈО ќе го застапуваат обвинението за предметот „Транспортер“, во кој првообвинет е ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески. В четврток е судењето за случајот „Топлик“, во кое му се суди на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, дека незаконски ѝ овозможил на фирма да купи државно земјиште за изградба на комплесот „Сончев град“. В петок, на 9 март е закажано уште едно рочиште за предметот „Транспортер“.
За обвиненијата на експремиерот Никола Груевски неделава нема закажани рочишта. Тој во судот ќе се појави само в петок, кога треба да се јави кај шалтерски службеник, како дел од мерката за претпазливост, која му ја изрече судот. Груевски на судење треба да се појави на 13 март, кога е закажано продолжение на главната расправа за насилствата пред Општина Центар.