Пратениците од СДСМ и ДУИ побараа од членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да си поднесат неотповиклива оставка поради констатираните злоупотреби во ревизорскиот извештај, а доколку тоа не го направат најавија дека ќе покренат собраниска постапка за нивно отповикување.
– Членовите на ДКСК веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја извршуваат оваа фунција ниту еден ден повеќе. Од тие причини доколку тие не поднесат неотповиклива и итна оставка, Собранието како орган надлежен за избор на членовите на оваа комисија ќе покрене постапка за нивно разрешување, изјави вчера потпретседателката на Собранието и пратеник од СДСМ Фросина Ташевска Ременски.
Таа нагласи дека барањето за оставки е од владејачкото мнозинство, односно од пратениците од СДСМ и од ДУИ.
Од членовите на Антикорупциска одговорност и нулта толеранција за корупција очекува и Владата, а Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на ДКСК.
– Во изминативе седум месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба поднесоа одговорност. Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите останати јавни функционери како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на ДКСК ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа, велат од Владата.
Од СДСМ преку соопштение до медиумите порачаа дека е скандалозно и недозволиво членовите на институцијата која е задолжена да се бори против различни видови корупција, да се однесуваат неодговорно и расипнички во трошењето на парите на граѓаните, бидејќи следењето на неодговорно и коруптивно трошење на буџетските пари е суштината на нивната работа.
– СДСМ го почитува принципот на нулта толеранција кон корупцијата и затоа, сите членови на ДКСК кои расипнички и неодговорно ги трошеле парите на граѓаните, мора да понесат одговорност и да поднесат итни и неотповикливи оставки, порачуваат од партијата.
Ревизијата на УЈП утврдила неправилности во делот на начинот на наплата на платата и патните трошоци од страна на членовите на ДКСК, односно наплата на патни трошоци врз основа на фиктивни налози и патни налози и налози кои не соодветствуваат со агендата која ја имала Комисијата и членовите. Медиумите објавија дека ревизијата констатирала дека на членови од ДКСК им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, а исплатата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози. Потоа, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, и биле поднесувани по три патни налози за ист ден,…