Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу во Љубљана оствари средба со министерката надлежна за развој и европска кохезиона политика на Словенија, Аленка Смеркољ.
На средбата се разговараше за искуствата на Словенија во искористувањето на средствата од европските кохезиони фондови и поддршката што и е потребна на Република Македонија за зајакнување на административните капацитети за управување со ИПА програмите за територијална соработка.
Министерот Фазлиу ја истакна поддршката што Словенија и ја дава на Република Македонија во евроинтеграциските процеси. Во тој контекст, тој ја нагласи и потребата од размена на искуства заради поуспешно спроведување на ИПА програмите за територијална соработка што ги координира Министерството за локална самоуправа.
– Република Македонија учествува во пет активни програми за билатерална прекугранична соработка и една програма за транснационална соработка, Балкан Медитеран. Иако се многу слични меѓу себе и се засноваат на истите европски регулативи, речиси секоја од овие програми следи свој начин на спроведување бидејќи претставува соработка меѓу две или повеќе различни земји. Оттука произлегува и големиот предизвик за сите нас со успех да им ги понудиме можностите кои ги нуди секоја програма поединечно на крајните корисници, рече министерот Фазлиу.
На средбата присуствуваше и министерот за локална администрација на Косово, Иван Тодосијевиќ. Двете министерства од Македонија и од Косово, надлежни за имплементација на ИПА програмите за прекугранична соработка имплементираат заеднички проект за зајакнување на административните капацитети за управување со ИПА инструментот за територијална соработка.