Тројцата македонски државјани, едно возрасно лице и две деца кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа во Словенија се од село Житинени, Општина Центар Жупа.
– Немам зборови со кои би ја искажал тагата од оваа страшна трагедија која ги потресе жителите на нашата општина. Семејството е по потекло од село Житинени, а живеат во Равена Италија. Се молиме, за закрепнување на другите две повредени лица, кусо за МИА изјави градоначалникот Аријан Ибраим од општина Центар Жупа.
Во автомобилот, според него биле родителите на децата и нивната баба, мајка на возачот.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, порано денеска, соопштија дека тројца македонски државјани, едно полнолетно и две малолетни лица, загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот А1 во близина на Унец, Словенија.
На прес конфернеција, денеска од полициската управа Копер, ги потврдија деталите за несреќата.
Според првичните информации од полицијата, 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина поради дефект го запрел товарното возило. Несреќата се случила кога возачот на автомобил „Ауди А4“ со италијански регистарски таблички најпрво удрил во заштитната ограда, а потоа силно се забил во задниот лев дел од приколката.
На местото на несреќата веднаш биле испратени повеќе полициски патроли, екипи на итната медицинска помош и пожарникари.
Од Полициската управа Копер соопштија дека во автомобилот имало пет лица. Сите биле државјани на Северна Македонија со престој во Италија.
Лекарот на местото на несреќата констатирал смрт на три лица – 74-годишна жена и две деца, на возраст од четири и 11 години.
Во несреќата биле повредени уште две лица. 33-годишна жена со хеликоптер била пренесена во болница, додека 39-годишниот возач бил пренесен со возило на итната медицинска помош.
Возачот на товарното возило во моментот на судирот бил во кабината, но не бил повреден.
„Точниот тек на сообраќајната несреќа сè уште се истражува. По завршувањето на истрагата, против предизвикувачот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност“, соопштија од Полициската управа Копер.
