Во Битола одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Од:

Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола го одбележа 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

– Корените за ова значајно одбележување датираат од 1952 година. Во 1999 година УНЕСКО донесува одлука за прогласување, а од 2008 година, 21 февруари се одбележува како меѓународен ден на мајчиниот јазик, истакна директорката на НУУБ „Св.Климент Охридски“-Битола, Јелена Петровска која пред присутните наставници и ученици од основните и средните училишта одржа кусо предавање за поврзаноста и соработката на библиотеките со училиштата.

Таа посочи дека библиотеките се вистинското место за негување на македонското литературно творештво, за правилна употреба на македонскиот литературен јазик, за заштита од туѓи странски зборови кои се повеќе се користат во секојдневниот говор или при пишување на разни пораки преку мобилни телефони, компјутер и слично. Таа укажа на директен придонес во заштитата на културно историското наследство.

Годинава празнувањето се одвиваше под мотото „Додека пишувам на Кирилица – постојам“, а стручно предавање на тема „Мајчиниот јазик – наш идентитет и наша култура“ одржа Билјана Герас, наставник по македонски јазик.

-Во светот денес се зборуваат меѓу 6.000 и 7.000 јазици, но на околу 3.000 им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века изумреле или драматично се намалил бројот на јазиците. Во секоја држава, изучувањето на мајчиниот јазик на нејзините државјани е обврска и право. Во секоја држава се изучува мајчиниот јазик. Мајчиниот јазик е оној јазик на кој говориме и пишуваме. Тој претставува нашиот идентитет. Многу пати сме кажале дека македонскиот јазик е симбол на македонското постоење, на македонската нација, рече меѓудругото Герас.

Според Герас, информациските и комуникациските технологии можат да бидат особено корисни за промоција на мајчиниот јазик.

– Мора да ја искористиме силата на напредокот за да ги зачуваме разновидните претстави на светот и да ги промовираме сите извори на знаење и форми на изразување. Ние сме држава и народ со своја култура и традиција, со историја, со сопствен јазик и идентитет, кој не треба да функционира и опстојува само локално и во рамките само на својата сопствена држава, туку секаде онаму каде што се собрала определена група нејзини граѓани, во потрага по нови можности за живот и работа. На тој начин татковината ќе ја чувствуваат и во далечните земји на дијаспората, каде својата приватна и семејна организација на живот ќе продолжат да ја негуваат на својот мајчин јазик, посочи Герас.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик беше емитуван и документарниот филм „Кирилицата и словенската писменост во Македонија“.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

A1on

Донесен Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот стар 25 години

Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

Мојсова-Чепишевска: Уште утре треба да почне новото поглавје на развојот на македонистиката во Риека

Ана Ололовска

Институции и културно-историски знаменитости вечерва ќе бидат обоени во чест на македонскиот јазик

Ана Ололовска

Чествување на македонскиот јазик во УКИМ, доделени признанија за придонес за афирмација на македонистиката