Стручна, ефикасна, отчетна и транспарентна администрација е еден од главните приоритети на Владата предвидени во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2020 година, чија содржина денеска ја презентираше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Креирање политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и управувањето со јавните финансии, се клучните точки кои во себе ги содржи Стратегијата, која вчера беше усвоена на владина седница, заедно со Акцискиот план за нејзино спроведување.
– Предвиден е план за деполитизација на администрацијата, како еден од основните проблеми преку унапредување на постапките на селекција, вработување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и правична застапеност на сите заедници, посочи Манчевски.