Нов ревидиран Закон за буџети до крајот на годинава, со кој буџетите ќе се планираат во среднорочна рамка и ќе се создадат услови за воведување фискален совет, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на првиот состанок на Советот за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 – координативно тело кое е задолжено за следење на реформите предвидени со Програмата.
– Законот за буџети ја дава рамката за управување со јавните финансии во земјата. Со него се регулира целокупниот буџетски процес, вклучувајќи ги главните учесници во буџетскиот процес, постапката за подготовка и усвојување на Буџетот, извршувањето на Буџетот и завршната сметка, управувањето со буџетските распределби на средствата и подготовката на Среднорочната фискална стратегија. Со новиот ревидиран закон за буџети ќе се направат промени во насока на поставување на среднорочна рамка во која ќе се планираат годишните буџети – истакна Тевдовски.
Како што посочи министерот за финансии, новиот закон за буџети ќе постави и услови фискален совет, кои пак се во насока на водење на одржлива фискална политика, зголемена буџетска дисциплина и одговорност, зголемен кредибилитет на макроекономската политика и правична и одржлива распределба на расходите помеѓу сегашните и идни генерации.
Програмата за реформа со управување со јавните финансии 2018-2021 е прва сеопфатна стратегија од областа на управување со јавните финансии. Реформите во неа треба да придонесат за постигнување на 7 приоритети: подобрување на фискалната рамка преку унапредување на проектирањето, подобрување на наплатата на приходи и истовремено поедноставување и подобрување на услугите на надлежните институции, унапредување на процесот на планирање и буџетирање, подобрување на извршувањето на буџетот, зголемување на транспарентноста, зголемување на внатрешната контрола во институциите, како и на надворешната контрола и парламентарниот надзор.
На првиот состанок на Советот за спроведување на програмата беше разгледан годишниот Акционен план, а покрај министерот за финансии присуствуваа и други членови на Советот, меѓу кои и заменикот на претседателот на Владата на РМ за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски како и директорите на Управата за јавни приходи и на Царинската Управа Сања Лукаревска и Ѓоко Танасковски.