Целта на новиот закон за јавни набавки е да ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време да ги направи поедноставни и полесни за имплементација, рече министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, на првата јавна дебата за законот која денеска се одржа во Стопанската Комора на Македонија.
Тој пред бизнис заедницата и невладиниот сектор рече дека со законот се воведува задолжителна обврска за објавување на договорите и останатата документација од секоја поединечна јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. Намерата е јавноста да има целосен увид во документацијата од јавните набавки.
– Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот, образложи Тевдовски.
Со новиот закон се вградуваат и забелешките на Европската комисија и домашната стручна јавност во поглед на електронските аукции. Во минатото, како што објасни Тевдовски, задолжителните електронски аукции дале добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки довеле до незаконско договарање на понудувачите и пораст на цените во отсуство на вистинска конкуренција.
– Со новиот закон, електронските аукции остануваат, но опционално, конзистентно со европските правила и пракса. Се стеснува употребата на негативните референци согласно укажувањата на деловната заедница и увидените слабости од досегашната пракса. Се зголемуваат праговите за примена на законот и се разјаснува начинот на вршење на малите набавки. А, се воведува и обврска за известување за малите набавки, изјави министерот Тевдовски.
Ќе се воведе електронски пазар на мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа.
Во законот се воведува и претходна контрола која ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Предмет на претходната контрола ќе бидат поголемите јавни набавки, како и набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во законот.
Тевдовски рече дека вакви јавни расправи ќе се организираат и во Штип и во Струга.
Согласно програмата за реформа на управување со јавни финансии 2018 – 2021, новиот закон за јавни набавки треба да биде усвоен од страна на Собранието до октомври годинава, а да започне да се применува од јануари следната година.