Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пред судот рече дека се сомнева во вештачењата на СЈО во предметот „Тенк“ зашто управител на фирмата која ги вршела вештачењата е Димитар Бузлески, а вештак е Тале Герамтчиоски кои вршеле високи политички функции во СДСМ, партија која е директен политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ.
Јанкулоска се пожали дека немале можност да присуствуваат со техничко лице на вештачењата и да даваат забелешки на записникот на вештаците. Станува збор за економско-финансиско вештачење и сообраќајно технички вештачења.
Во предметот „Тенк“ обвинети се експремиерот Никола Груевски, Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра. Адвокатот на Поповски денеска побара да му се спојат постапките за „Триста“ за набавка на возила во МВР и за „Тенк“.
В.М.