Инспектори рекетираат сопственици на објекти и злоупотребувајќи ја службената позиција, се стекнуваат со големи профити, градат цели бизниси за нивните семејства. Сопственици во приватниот сектор кој е под секојдневен притисок на инспектори, ретко се осудуваат да се пожалат на ваквите уцени- најчесто плаќаат рекет за да можат да продолжат да работат и да не им се уништи бизнисот.
-Кога сакаат ќе не затворат, нема каде да се жалиш, сите се поврзани со рекет, се жали еден сопственик на кафуле за А1он.
Инспекцискиот совет, чија надлежност е да води дисциплински постапки и издава и одзема лиценци на инспекторите од 28 инспекциски служби, на последната седница од 31 јануари од вкупно десет жалби за постапување на инспектори, донел одлука дека четири се неосновани, две се беспредметни, а за четири предмети навеле дека трае утврдување на фактичката состојба.
Една од претставките кои Инспекцискиот совет ја отфрли како неоснована е и на Владимир Јашевиќ, сопственик на ВНД- Компани, фирма која се занимава со кетеринг услуги.
Тој имаше поднесено претставка за инспекторот од Агенцијата за храна и ветерина З.М. за кого тврди дека со години врши притисоци, прави исценирани проблеми, а со цел да ја преземе нивната дејност со оглед дека има директен финасиски интерес.
А1он провери во централниот регистер, токму со истата дејност, односно фирма за доставување храна и пијалоци за посебни прилики (кетеринг) е во сопственост на неговата сопруга, а радоводител на подружницата е синот на овој инспектор. Уште од старт постои сомневање дека жалбата на Владимир Јашевиќ и тоа како е основана за да се проверат наодите, но Инспекцискиот совет од нему познати причини ја отфрли.
По седум години успешна соработка, во 2013 година поради неразјаснети околности завршила соработката на Јашевиќ за кетеринг услуги со позната скопска фирма. Работата ја презела токму фирмата на сопругата и синот на инспекторот кој беше пријавен во Инспекцискиот совет и за кого се изјаснија дека нема основа за жалбата за неговото работење. Истата фирма од сопругата на инспекторот, не само што го презела бизнисот на Јашевиќ, туку и се уште го извршува со истата фирма.
Според Јашевиќ, истиот инспектор во октомври 2017 година отишол во контрола во една од поголемите фабрики во Македонија каде Јашевиќ доставувал храна. Инспекторот вршел надзор но не нашол неправилности во храната. По контролата истиот инспектор со еден од директорите на фабриката што набавува храна за фабриката барал да се отстрани фирмата на Јашевиќ и да се склучи договор со фирмата на неговата сопруга и син.
Оваа ситуација исто е наведена во жалбата на Јашевиќ до Инспекцискиот совет.
-Откако не успаеа, следниот месец беше изрежирано труење во фабриката каде Јашевиќ доставувал храна. Во записникот сепак е наведено сомнеж за труење на двајца вработени каде од истата храна јаделе 550 вработени. И двајцата биле пуштени на домашно лекување со оглед дека не било констатитрано труење.
-За ова имавме дојава уште од 7.30 часот односно уште пред почетокот на работното време дека инспекторите се спремни да дојдат да ни го затворат објектот поради наводно труење. При посетата на инспекторите нашите вработени беа вербално напаѓани и омаловажувани со закани дека ќе не затворат. Во нашите простории упаднаа како шерифи со закани дека ќе не затворат, без покажување легитимации со директни закани.
-Баш те заболе што ги отру, си пиеш кафе, стои во претставката која Јашевиќ ја имаше испратено до Инспекцискиот совет.
Со оглед дека повторно не успеале да го затворат објектот еден месец подоцна инспекторите вршеле редовна контрола во слаткарницата и пекарницата на истиот сопственик, но не биле информирани дека се работи за посебен објект. Повторно со закани дека ќе го затворат, упаднале во производствениот дел.
-Без да стават калници на нозете вршеа надзор без присуство на овластено лице. Со голи раце без да бидат дезинфицирани ги допираа сите лебови испечени и спремни за продажба, еден по еден. Инспекторот подоцна во кафеана каде ме повикаа со неговиот колега, инсистираше да потпишам бланко записник. По тоа, нормално следуваше прашање зошто да потпишам бланко записник , на што инспекторот бурно изреагира и беше упорен да го потпишам сакајќи да испровоцира расправија. Со цел да се смири ситуацијата, го потпишав записникот, но инспекторот сметаше дека потписот не бил вистински и се разликувал од мојот оригинален потпис по што се налути и го искина записникот кој беше бланко потпишан, вели Јашевиќ.
Потоа бил повикан во Агенцијата за храна и ветерина, односно кај инспекторот да направи записник за компанијата, но не отишол зошто инспекторите не биле во фирмата што мислеле дека ја контролирале.
Неговата сестра која е управител на таа фирма во изјава за инспекцискиот совет наведува
-Инспекторот ми се закануваше дека ќе го затвори објектот ресторан каде управител е мојот брат.
-Брат ти ќе го затворам, ама не сега, да не мисли дека му се реванширам нешто, ќе дојдам друг пат и со слики и со се, ќе го затворам. Ова се случувало во Агенцијата за храна ден по инспекцискиот надзор за кој составувале записник каде е управител сестрата на Јашевиќ
Инспекцискиот совет досега има постапка само за еден инспектор
Јашевиќ е еден од малкумината кои се осмелија јавно да проговорат за тортурата, уцените и своеволието на инспекторите кои ја злоупотрбуваат државната легитимација. Многумина знаејќи ја поврзаноста на инспекторите меѓу себе и нивната “солидарност“ не се осудуваат да се жалат и да зборуваат за притисоците и рекетот кој им се случува секој ден.
Овие случаи треба да ги решава Инспекцискиот совет кој е во нов состав од септември минатата година. Ако се погледнат извештаите од седниците од пред пет месеци досега може да се забележи дека од десетици претставки и жалби, Советот прифатил само една како основана. Сите други за Инспекцискиот совет бил неосновани и беспредметни, а најголем дел се со образложение “се утврдува фактичката состојба“. Во сите претставки најмногу фигурираат инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, но има и од Државниот просветен инспекторат и Државниот пазарен инспекторат.
Од пет претставки на седницата на 14 септември, Советот отфрлил две, а за три навел дека постапката за утврдување на фактичката состојба била во тек.
На 17 ноември, од осум претставки за работата на инспектори, отфрлени се шест како неосновани, а за две донесена е одлука да се утврди фактичката состојба.
На 30 ноември од седум претставки, отфрлени се пет како неосновани, а две претставки повторно се наведени како утврдување на фактичката состојба.
Дури на 28 декември е утврдено дека една претставка е основана, но шест се отфрлени, а за пет претставки повторно е наведено дека ќе се утврдува фактичката состојба.
На последната седница од 31 јануари, од десет претставки, четири се отфрлени како неосновани, две беспредметни, а четири повторно дека ќе се утврдува фактичката состојба. Крајниот биланс е дека без една претставка, сите се отфрлени, со оглед дека за тие што се утврдува фактичка состојба нема никакво решение.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска – Грашкоска во телефонски разговор со А1он не можеше да се сети на случајот за Владимир Јашевиќ и упати да поднесеме прашања до советот зошто не увиделе дека има сомнеж за злоупотреба на службената положба на наведениот инспектор.
-Поднесете прашања, детално ќе ви одговориме се што ве интересира, одговори Филиповска-Грашкоска.
Државата не ја следи имотната сотојба на инспекторите
Согласно Законот за спречување на корупција, член 33, избрано или именувано лице, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.
Согласно Законот за спречување на корупција, инспекторите од било која инспекциска служба не спаѓаат во оваа категорија и немаат обврска да доставуваат анкетни листови до Државната комисија за спречување на корупцијата.
Ова значи дека законодавецот оставил огромен простор за корупција и криминал кој никој не го контролира. Со години наназад, со злоупотреба на позицијата и со рекет, многу инспектори станаа локални шерифи кои профитираат, а произлегува дека државата ги штити. Во досегашното работење на Инспекцискиот совет повеќе имаше корупција, отколку што спречуваа корупција на инспекторите. Има поранешни членови на Инспекцискиот совет кои тежат стотици илјади евра. На потег е новиот состав на советот но и државата која мора да внесе строга контрола и големи казни за разулавеноста на инспекторите.
Продолжува..
Предраг Петровиќ
Овој проект е ко-финансиран од Европската Унија. Оваа статија е изработена во рамките на проектот “Во фокус: Надминување на злоупотребите на должност”, имплементиран во партнерство помеѓу НВО Профицио и медиум А1Он, а со поддршка од Проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа – ACTION SEE, спроведуван од Фондација Метаморфозис, Вестминстер фондација за демократија, Центар за истражување, транспарентност и отчетност – CRTA, Граѓанска асоцијација Why not?, Центар за демократска транзиција – CDT, Open Data Kosovo (ODK), и Levizja Mjaft!. Содржината на оваа статија не го одразува официјалното мислење на Европската унија. Одговорноста за информациите и ставовите изразени во статијата е целосно на авторот (ите).