Научен тим од Универзитетот „Стенфорд“ развил лек за рак. Тие тврдат дека само со една инјекција во туморот ќе се стимулира имунолошка реакција на организмот која ќе ги нападне и сите други тумори што можеби метастазирале во телото. Ова значи дека лекот може да биде надеж и за пациентите со поодмината фаза на рак, чии шанси за лекување во денешни услови се сметаат минимални.
Според The Week, се подготвува тестирање на лекот на луѓе бидејќи тестирањето на глувци, според истражувачите, минало неверојатно добро. Деведесет проценти од третираните животни биле излекувани само по една инјекција, а другите по уште една. Лекот дејствувал дури и кај глувци кај кои ракот се проширил по целото тело.
Бидејќи една доза на лекот се чини дека е доволна, истражувачите тврдат дека ќе биде ефикасен и дека веројатно нема да има несакани ефекти врз организмот какви што предизвикуваат другите методи за лекување рак.
Истражувањето во врска со овој неверојатен лек беше објавено во научното списание Science Translational Medicine. Иако оваа терапија се нарекува вакцина против ракот, разликата во однос на вакцината против грипот и другите инфекции е дека оваа вакцина се дава на луѓе што се веќе заболени, а не како превентивна мерка.