Луцидните курајчани и оваа година празникот Василица ќе го одбележат со 15-то издание на возобновениот карневал под маски.
Официјалниот дел на карневалот започнува денеска со посетата на традиционалните маски – зетот, невестата, ѓаволот и бајачот на сите домаќинства низ селото, сето проследено со музика и забава што ќе трае до раните утрински часови.
Главниот дел од карневалот ќе се одржи утревечер со почеток од 18 часот, со големото дефиле на василичарите под маски. Како и минатогодишните изданија, на карневалските маски ќе бидат поделени на детски и маски на возрасните, а за најдобрите се предвидени и вредни награди. По прогласувањето на најдобрите маски ќе следува и огномет, а посетителите и гостите ќе може да се послужат со бесплатна топла ракија и вино. Прославата на празникот Василица ќе продолжи со богата забавна програма за која оваа година ќе се погрижат Татјана Лазаревска и групата „Маестрал“.
Месната заедница на селото Куратица во соработка со Здружението „Свети Василиј“ се организатори и покровители на овој традиционален настан, додека целосната финансиска поддршка е обезбедена главно преку донации, на почитувачи и љубители на оригиналната традиција.
Активистите на Здружението „Свети Василиј“ од Куратица веќе имаат остварено контакти со слични здруженија од неколку места во Швајцарија и Германија, каде се одржуваат слични манифестации под маски, со цел соработка и размена на искуства.
Селото Куратица активно учествува во охридската туристичка понуда, во делот алтернативен селски туризам, со сопствена веб-страница на која се информира за природните убавини на местото, како и за активностите поврзани со традиоционалиот маскенбал.
За карневалот во Куратица жителите на селото тврдат дека е стар колку и самото село, а според непотврдени податоци тој обичај датира од 1575 година.