Специјалниот претставник на ОН за спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, пред денешната нова рунда разговори во Њујорк, во изјава за дописникот на МИА од САД оцени дека со зачестените средби на министрите за надворешни работи на двете земји, се создала позитивна атмосфера со помалку тензии и отсуство на критички коментари, па затоа на повидок е можно решение.
Последната средба помеѓу Никола Димитров и неговиот колега Никос Коѕијас се одржа минатата недела во Солун. Имаше добар разговор со фокус на унапредување на билатералните односи и соработка во поширок контекст, поврзан со тековните Мерки за градење доверба, соопштија македонското и грчкото МНР. Министрите тогаш изјавија дека од Нимиц очекуваат иницијална рамка со која ќе се оствари напредок во надминувањето на разликите околу името.