Eксразузнавачот Слободан Богоевски е виновен дека ги наклеветил лидерот на ДУИ, Али Ахмети и на Муса Џафери за примање мито во случајот „Маѓар Телеком“, потврди адвокатот Валентин Зафиров за „Макфакс“.
Сепак, за тужбите на Ахемети и Џафери, Богоевски нема да им плати материјална штета, бидејќи тужителите се повлекле од барањето. Адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров вели дека одлуката ја добиле пред Нова година. Најави жалба пред Апелациониот суд.
„Прифатена е надлежноста на нашиот суд, но таа одлука ја нема во диспозитивот на изртеката и ние сметаме дека тоа е битна повреда“, вели Зафиров.
Американската Комисија за хартии од вредност го отвори за јавноста исказот на Богоевски даден во постапката која се водеше против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи пред судот во Њујорк.
Во него, Богоевски, меѓу другото, тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра. Ахмети и Џафери тужеа поради ваквото тврдење и бараа отштета од 90 илјади евра.