„Дрисла“ нè труе, за медицинскиот отпад казнета со 8.500 евра

Од:

Во новиот извештај на вонредниот инспекциски надзор испратен до Владата, а до кој дојде „Макфакс“, е посочен и казнет барем еден виновник за отровниот воздух. Во надзорот спроведен во Скопје, а во кој се опфатени осум компании, е констатирано дека „Дрисла“ не ги почитува протоколите и за горењето медицински отпад е казнета парично со 8.500 евра.

„Правниот субјект е инспектиран во периодот пред вонредните надзори, има добиено решение во инспекциска постапка за натамошно постапување со печката за согорување медицински отпад во денови на нормално функционирање и денови кога има надминување на праговите во станица „Лисиче“. Од страна на комисијата за спогодување е санкционирана со 8.500 евра во противредност за прекршок во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух“, стои во известувањето на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кој постапува по налог на интерсекторската работна група формирана за да се справи со загадувачите и да го истражи амбиенталниот воздух, објави Макфакс.

Но, ќе дувне ветер, малку поволен атмосферски притисок и за миг скопјани ќе здивнат од енормното загадување на градот што постојано ги соборува рекордите во присуство на смртоносните ПМ-честички. Тој привид од еден или некогаш, за среќа, неколку дена по ред не го решава проблемот и не треба да го намали притисокот на граѓаните што со години се организираат во секакви антисмог-асоцијации и коалиции и преку своите членови, меѓу кои има експерти и инженери што од различен аспект се обидуваат да го лоцираат проблемот и нудат решенија. Инститициите исто така будно и на нозе треба да ги дочекаат следните денови кога природните услови не ни одат во прилог. Властите со малку повеќе слух во последно време ги надградуваат мерките во справување со амбиенталната катастрофа, но се чини и натаму сe далеку од значајно и долгорочно решение. Иако неколку пати градскиот татко потенцира дека проблемот е наталожен и не може да се реши прекуноќ, а со тоа секако се согласуваме, секојдневно треба да продолжат притисокот и барањата на граѓаните, па дури и кога има денови и проблемот се чини дека не е толку голем. Сепак, протестите за чист воздух речиси никогаш не се посетени во онаа мера колку што е голем бројот на поддржувачите зад тастатурата. Можеби наталожените општествени проблеми ги изморија граѓаните од разни битки и барања или, пак, недовербата кон институциите, па мирните протести за воздухот се вообичаено слабо посетени. Еколошките проблеми во светот се истражуваат на највисоко ниво и се вложуваат многу средства за решенија, но кај нас како и многу други нешта проблемот со аерозагадувањето треба да се прочисти од темелите. И додека Кина веќе наоѓа начин како алтернативно да ги напојува возилата, Австрија од отпадот произведува стопроцентно еколошки извор на енергија, некои земји успеваат и со Балтазар-методи и вентилатори да ги растеруваат маглата и смогот, ние сме на самиот почеток – ги лоцираме загадувачите. А констатирано е дека еден од најголемите е индустријата. Радува фактот што од пред неколку години кога властите фрлаа магла и мачкаа очи до денес има мала разлика во транспарентноста на податоците што се споделуваат со јавноста.

ПОТРЕБНИ СЕ СРЕДСТВА ЗА АКРЕДИТИРАНИ ЛАБОРАТОРИИ

Сепак, Државниот инспекторат за животна средина, кој постапил во согласност со налогот да врши зачестена контрола на инсталациите што поседуваат дозвола А-ИСКЗ да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачките супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија, во известувањето наведува дека нема доволен буџет.

„ДИЖС во моментот не е во состојба да спроведува контролни мерења со акредитирани лаборатории за животна средина поради тоа што нема доволен буџет за 2017 година, а за да се спроведат вакви мерења, покрај буџет, потребно е да се спроведе и постапка на јавна набавка, која е врзана со временски рокови. Во согласност со достапните податоци од Институтот за акредитација на РМ, институција што ги издава и одзема акредитациите во разни области во РМ, моментно постојат три акредитирани лаборатории за животна средина за разни еколошки параметри од медиумот воздух. Главно овие три акредитирани лаборатории ги вршат акредитираните мерења во инсталациите А-ИСКЗ на комерцијална основа во согласност со условите и фреквенцијата на мерења пропишана во дозволите. Доколку која било од овие три лаборатории биде избрана на јавна набавка, возможно е, на пример, во неколку инсталации во Скопје истата лабораторија да им ги врши редовните мерења, а исто така да врши и контролни вонредни мерења, со што не се постигнува целта на контролни споредбени мерења бидејќи треба да се контролира самата себе“. Тие додаваат дека при надзорите правните субјекти се известени за препораката за намалување на производниот капацитет до 50 отсто во денови кога е надминат прагот за алармирање и на територијата на Скопје и Тетово е констатирано дека во метрополата цементарницата „Усје“, „Балкан енерџи“, „Макстил“, „Арцелор Митал“, ЈП „Улици и патишта“, „Асфалтна база – Скопје“, „ЕЛЕМ – Енергетика“ и рафинеријата на нафта „Окта“, според анализите за секој одделно, не ги прекршиле правилата и штетните емисии се во рамките на дозволеното. Разните параметри во зависност од секоја компанија се однесуваат на вредносни параметри на сулфурен диоксид, азотни оксиди, прашина, јаглероден моноксид и друго.

Во Тетово, пак, каде што заедно со главниот град состојбата со загадениот воздух е повеќе од алармантна, се инспекторирани девет компании, од кои најмногу се оние што се занимаваат со производство на текстил. Извештајот ги опфаќа „ЗЗ Единство“ од с. Челопек, Брвеница, инсталација за одгледување свињи, потоа АД „Теал“, „Микели Ефраим“, „Тетекс“ АД, „Тетекс Јарн гроуп“, „Блуе енерџи“, „Супер ег пакинг“, „Југохром Алзар“ и „Везе Шари“. Некои од компаниите воопшто не се во работен погон, други работат со намален капацитет, а преостанатите според инспекторите и нивниот надзор не му прават штета на амбиенталниот воздух. Исто така, некои од компаниите се задолжени и во иднина да достават известувања од мерењата за континуирано следење на состојбата.

ГРАЃАНИТЕ СО ПРЕТПОСТАВКИ, НАДЛЕЖНИТЕ ИНСИСТИРААТ ДА НЕМА ПАУШАЛНИ ЗАКЛУЧОЦИ

Поддржувачите на групите што разменуваат информации на социјалните мрежи некогаш интерно се организираат и лоцираат загадувачи, поточно индивидулаци или компании што не ги почитуваат стандардите. Често се пишува дека во строгиот центар на градот угостители за загревање простории користат стари гуми, потоа се зборува за компании во чија близина се забележува енормна загаденост, чуден хемиски мирис и така натаму.

Според Беса Татеши од Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓанските иницијативи се добредојдени, но паушални и наутрвдени заклучоци само ја зголемуваат паниката. Таа вели дека дури и надлежната институција кубури со акредитирана лабораторија, која би можела навистина до крај да ги спровде своите надлежности и голема е разликата во веродостојноста на официјалните мерни станици и некои индивидулани обиди да се утврди нешто.

„Ние правиме огромни напори да ги спроведеме акциите утврдени со интерсекторската работна група што треба да се справи со загаденоста и подобрувањето на амбиенталниот воздух. Инсистираме на веродостојност во информациите, а шпекулациите не ни одат во прилог и нè оддалечуваат од прецизни анализи. Сите сме загрижени за проблемот и наоѓаме решенија, ова е прашање што се однесува на сите нас што го дишеме овој воздух“, ни рече Татеши.

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите и образложенијата на граѓаните за сознанијата од штетите од „Дрисла“. Ја нарекуваат и македонски Чернобил, кој нè труе во континуитет. Се зборува дека индустриите ги користат пиковите кога загадувањето е најголемо, па тогаш користат да протнат уште повеќе отров. Меѓу овие засега теориии на заговор е и онаа дека увезуваме штетен отпад.

Меѓу последните мерки, кои на 28 декември беа преземени како итни за да се справиме со загадувањето, беше и бесплатниот јавен превоз. Оваа одлука ја соопшти градоначалникот Петре Шилегов бидејќи два дена едноподруго нивото на ПМ-честичките беше над дозволеното. Покрај бесплатниот превоз, беа стопирани сите градежни активности на градилиштата во надлежност на Град Скопје. Шилегов ги повика и сите скопски градоначалници да донесат одлука за стопирање на градење, а вработените во Градот да доаѓаат на работа со автобус. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат. Градоначалникот Шилегов тогаш рече дека нивните инспектори досега казниле 25 компании, кои не ги почитувале одредбите на Законот за јавната чистота, а биле направени 1.234 контроли. „Макфакс“ е во очекување информација од Град Скопје да ни ги достават имињата на казнетите на компании и образложенијата за какви прекршоци станува збор. Во продолженије на темата ги очекуваме новите информации. Освен индустријата, како втор најголем виновник за отровниот воздух се посочени домаќинствата, а се очекува дека со гасификацијата барем овој виновник ќе биде елиминиран.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух

Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Предраг Петровиќ

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза