Обвинителите на специјалното јавно обвинителство со полни раце работа во новата 2018 година. Само во првите два месеци од новата година специјалните обвинители треба да се појават на вкупно 34 судски рочишта за нивните предмети. Во кривичниот суд во јануари се закажани 12 рочишта, а во февруари 22, објави Макфакс.
„Сезоната“ на судења во 2018 година ја отвора предметот за нелегалното прислушување познат како „Тврдина-Таргет“ на 17 јануари. Во овој предмет обвинети се ексидректорот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката Гордана Јанкулоска, поранешниот началник на Мијалков, Тони Јакимовски, како и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Претходното судење беше одложено бидејќи адвокатот на обвинетата Валентина Стевановска, Миле Петровски, беше ангажиран да го брани бизнисменот Сеад Кочан во случајот „Труст“. Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска во јануари и февруари закажа 7 рочишта и едно во март, а судењето за овој предмет е при крај. Останува изведувањето докази на одбраната и завршни зборови.
За случајот „Транспортер“ се закажани 4 рочишта во јануари. Во овој случај за злоупотребите на превозот за патници во Битола, обвинителите на СЈО дадоа воведни зборови, по што следува одбраната со воведот и изјаснувањето за вина.
На 26 јануари е закажано продолжението на седницата за случајот „Тарифа“, во кој обвинети се три лица за незаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), кој не бил применет.
На 30 јануари се закажни три судења за предмети на СЈО. Почнува предметот на СЈО за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“, „Тенк“, во кој првообвинета е ексминистерката Гордана Јанкулоска, а обвинети се и помошник-министерот за јавни набавки Ѓоко Поповски и експремиерот Никола Груевски. Истиот ден заедно со „Тенк“, треба да почне судењето за „Топлик“, во кое обвинети се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за незаконска продажба на парцела во скопско Сопиште. Истиот ден закажно е рочиште и за предметот „Труст“.
Случајот „Насилство“, во кој првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е закажано за 2 февруари. Два дена подоцна, на 5 февруари почнува судењето за „Трезор“, предметот во кој обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор, ексшефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и помошник-министерот во МВР и поранешен член на Управен одбор на Телеком, Небојша Стајковиќ, дека злоупотребиле државни пари за набавка на опрема во Петтата управа за лично богатење.
На 6 февруари е закажано рочиште во случајот „Сопот“, кој го презеде и го застапува СЈО. На претходното рочиште сведочеше Бајрам Рамадани, исказ на кој се темели пресудата во случајот. Новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ Латас повторно влегува во судница на 9 февруари во предметот за даночно затајување, познат како „Тотал“. Минатото рочиште беше одложено бидејќи обвинетиот побара аудио и визуелно тонско снимање на процесот.
На 14 февруари продолжува судењето за „Траекторија“. Предметот е во подготвителна фаза. Пет дена подоцна е закажано судско рочиште за случајот „Триста“, во кој единствен обвинет е експомошникот-министер во МВР, Ѓоко Поповски за противзаконска набавка на 300 полициски возила. Истиот ден со „Триста“, ќе му се суди во издвоена постапка на седмообвинетиот за насилствата пред Општина Центар, Димче Крстев.
За експремиерот 2018 година почнува со 3 од 5 обвиненија. Не се закажани судењата за „Титаник“ за изборни измами и „ТНТ“ за уривањето на станбениот комплекс „Космос“.
Дел од постојните судења на СЈО почнуваат од почеток. Новиот претседател на кривичниот суд, Иван Џолев, назначи 7 од 8 нови судии во Одделението за организиран криминал и корупција кои ќе ги судат предметите на Специјалното јавно обвинителство. Од почеток се очекува да почнат предметите „Тврдина-Таргет“, „Транспортер“, „Тарифа“, „Триста“, „Насилство“ и „Траекторија“, каде или претседателот или членот на судискиот совет се префрлени да судат во други оддели на судот.
В. Маглешов