Освојувањето мнозинство во новиот каталонски регионален Парламент од страна на партиите што се залагаат за независност на Каталонија, е главна тема на денешните изданија на водечките западни весници.
Лондонски „Гардијан“ оценува дека со тоа што партиите кои ја поддржуваат идејата за независност на Каталонија успеаја да го задржат мнозинство во Парламнетот, шпанската Влада не успеа да ја постигне својата цел – да ја спречи заканата од сепаратистичкото движење.
Движењето за независност на Каталонија победи на регионалните избори, што претставува драматичен и неочекуван резултат кој ќе има огромно влијание не само врз Шпанија, туку и врз ЕУ, коментира „Индепендент“.
Лондонски „Дејли Телеграф“ наведува дека разрешениот каталонски регионален лидер синоќа изрази големо задоволство од триумфалното враќање на сепаратистичките партии, оценувајќи дека тоа отвора драматично ново поглавје во сепаратистичката криза во Шпанија.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ смета дека по изборите постои закана од блокада во Каталонија.
„Волстрит џурнал“ коментира дека победата на сепаратистичките партии е одраз на силната поддршка за независноста на регионот меѓу локалните гласачи, додека според „Вашингтон пост“ шпанскиот премиер Маријано Рахој претрпел сериозен неуспех на изборите.