Нова законска регулатива за пазарот на хартии од вредност за идната година, што ќе создаде услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, повисоко ниво на стабилност на пазарот, зајакнати овластувањата на надзорните органи и подобра заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
– Во агендата на Министерството за финансии за идната година е една од најголемите реформи во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закона – закон за финансиски инструменти и закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ во оваа област, рече министерот пред денешната прва седница на Советот за развој на пазарот на капитал.