Турската медицинска компанија „Матек” донесе одлука за инвестиција во Македонија, вредна 15 милиони евра. Фабриката ќе се гради во ТИРЗ – Бунарџик, а се планира вработување на 300 лица.
– Компанијата ќе произведува високи технолошки медицински препарати како трансбронхитални биопсиски игли, ендобронхоскопски игли, биопсиски маркери, хируршки сетови, хируршки наметки, катетери и стентови, вели директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида.
Претставници на компанијата „Матек”, која е контактирана од економскиот промотор во Анкара неколку пати во текот на последните месеци биле во посета на Македонија каде е донесена одлука да инвестира во ТИРЗ Бунарџик.
Компанијата првично ќе вработи 100 лица кои ќе бидат обучени за производство на високо технолошки медицински препарати. За неколку години од компанијата планираат да го зголемат бројот на вработени до 300 лица. Оваа инвестиција ќе има голема додадена вредност за медицинскиот сектор во Македонија.
Главна дејност на компанијата која е лоцирана во Анкара е производството на технолошки медицински помагала.