Поранешниот вицепремиер Пешевски се повлекува од политиката: Ова е скапа лекција за мене

Од:

Откако ВМРО-ДПМНЕ стана опозиција екс-вицепремиерот Владимир Пешевски во отворено писмо до новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ најави повлекување од политиката и фокусирање на неговата професионална кариера и враќање во водите на бизнисот.

Пешевски е обвинет во случајот на СЈО, „Траекторија“ заедно со поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие се сомничат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Во неговото писмо тој наведува дека работата во политиката била скапа лекција за него, а на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ му порачува дека треба да работи на подобрување на имиџот на партијата и подигнање на системот на вредности на ВМРО-ДПМНЕ.

„Почитуван претседателе,

Причините поради кои го пишувам ова отворено писмо се повеќеслојни и бројни. Го пишувам сега, додека сè уште не си избран, со цел моите размислувања и пораки да не бидат насочени кон тебе лично, туку како вредности во кои длабоко верувам и кои се надевам ќе ти помогнат на ниво на принципи во водењето на Партијата во тешкиот период што следи.

Ќе почнам од она што во овој момент, додека не си избран, ти се чини најважно, а тоа е самиот вонреден Конгрес. Иако сега ти е важно да обезбедиш поддршка од што е можно поголем број делегати (да, важно е!), сепак апелирам да бидеш свесен дека твоите напори и однесување овие денови се рефлексија на твоите вредности и предвестие за начинот на кој ќе раководиш со партијата во периодот откако ќе бидеш избран.

Тоа е секогаш така. Затоа, за почеток, не ги оцрнувај другите можни кандидати и не започнувај и не стимулирај негативна ПР кампања против било кој од нив. Со сите доблести и маани, утре со тие луѓе ќе треба да работите заедно. Во лобирањето немој да се користиш со лаги, немој да даваш лажни ветувања кон луѓето кои ти помагаат со цел да ја добиеш нивната поддршка.

Подобрувањето на имиџот на партијата и подигањето на системот на вредности на ВМРО-ДПМНЕ со тебе на чело почнува од тука, од начинот на кој ќе се избориш да бидеш избран.

Откако ќе бидеш избран, следниот голем проблем со кој што ќе се соочиш е финансирањето на партијата. Прифати во старт дека ќе мора да се вратиш на формите на функционирање на партијата каде тековните трошоци ќе бидат минимални. Ти сугерирам во најскора можна прилика да го отвориш ова прашање со останатите политички партии. Во политичкиот живот на независна Македонија, ова е еден од проблемите кој не се реши соодветно и кој на еден или друг начин резултираше и стимулираше несоодветно однесување кај речиси сите партии. Убеден сум дека и меѓународната заедница ќе даде поддршка во решавањето на овој проблем, што не е многу сложено да се реши.

Следното прашање на кое ќе му се посветиш е кадровската политика. За почеток, искористи го искуството и од добрите, но и од помалку добрите пракси од минатото. Колку и да бидеш во искушение, обиди се да се ослободиш од желбата за реваншизам или ставање на тенок мраз на луѓето во партијата кои ги чувствуваш како конкуренти или кои не ти се симпатични од лични причини. И сега и во иднина, обиди се да ставиш јасни граници помеѓу своите лични, интимни, роднински и пријателски релации, со релациите и односите кои ќе владеат во партијата. Продолжи со праксата да даваш шанси и на нови лица од Партијата, но и на луѓе кои во моментот не се во партијата, а ги делат современите десничарски вредности на европските партии. Реактивирај ја во полн капацитет партиската кадровска комисија. За жал, ќе мора да донесеш и некои навидум болни решенија. Некои луѓе со своето однесување во изминатите години и покрај високите позиции кои ги имаа и сè уште ги имаат, сепак не одговорија на соодветен начин на довербата која им била укажана. Справи се со нив, без гнев и реваншизам, но сепак решително. Или тие ќе се справат со тебе.

Ќе треба да изградиш одличен однос со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија. Ќе следат големи одлуки од кои ќе зависи иднината на Македонија како држава, но во голема мерка и иднината на ВМРО-ДПМНЕ како партија. За сите тие одлуки, пратениците ќе бидат изложени на огромни притисоци, како што се изложени и во моментов. Имај разбирање кога ќе покажуваат слабости, биди трпелив и обиди се да ги убедиш со силата на аргументите во она во што ти веруваш. Партијата треба да биде сила која знае да ја однесе Македонија на нови, современи стојалишта за многу прашања. Да покажеме дека можеме да бидеме конструктивна опозиција, која нема да се потпира на непотребни блокади, туку пред сè, на аргументацијата, знаењето и визијата во која веруваме.

Започни со силно промовирање на вистинските вредности помеѓу младите во Унијата на млади сили. Да им ја зголемуваме пред сè желбата за знаење, желбата за напорна работа, желбата да помагаат на оние околу себе. Да бидат чесни. Бори се против елитизмот. Да ги научиме да бидат потрпеливи и поскромни во своите очекувања од партијата, но да бидат и похрабри и порешителни, со претприемачки дух кога ќе треба да ја преземаат судбината во свои раце.

Унијата на жени заслужува огромна почит за добрите резултати кои ги имаме постигнато во минатото. Сепак, не секогаш имаат добиено соодветно признание и вреднување за својата партиска работа. Помогни да градиме однос кон нив пред сè каков што би сакале да гради некој кон нашите мајки, сестри, сопруги и ќерки.

Градењето на современа партија, сепак, не треба да ги исклучи од тој процес и нејзините најстари членови. Иако многумина понови членови ќе кажат (со право) дека не треба да се робува на историјата, да не заборавиме дека сепак ние сите се потпираме на темелите кои тие ги поставиле. А кога сме кај историјата, би те советувал да не го негуваш премногу култот кон методите на ВМРО од почетокот на 20 век. Имам огромна почит за тие патриоти од првите денови на ВМРО, но таквото однесување и борба приличела на тоа време. Денес борбата за Македонија се одвива на поинаков начин. Кога имаме сопствена држава, најдобриот начин да бидеш патриот е да бидеш чесен, исполнителен и професионалец во сопствената работа. Величај ги тие вредности.

Продолжи со праксата на градење поширок состав на Извршниот комитет на партијата. Стимулирај отворени дискусии, воведи и тематски расправи со надворешни експерти за некои чувствителни теми, дозволи да се дефинираат работите прво на ниво на филозофија и доктрина, а потоа на оперативно ниво. Биди особено внимателен во носењето на важни одлуки во мал и затворен круг. Понекогаш тоа ќе биде потребно, но тоа нека биде исклучок, а не правило во твоето однесување. Именувај поширок круг на потпретседатели и додели им реални овластувања во нивните области. Иако е тешко да се откажеш од контролата, иако и тие веројатно ќе прават грешки во своето делување, кога сепак ќе се воиграте како тим, капацитетот на дејствување ќе ви биде неколкукратно поголем. Осовремени го статутот на партијата и вгради механизми на контрола и корекција, дури и за себе. Нека оваа реформа на статутот ти биде една од првите внатрепартиски активности што ќе ги преземеш.

Сега ќе се осврнам на некои прашања кои се однесуваат на случувањата надвор од нашата партија. Ќе започнам од најгорливото прашање, а тоа е процесот што следи во однос на преговорите за името на нашата држава. Треба да настојуваш да бидеме колку што е можно поактивно вклучени во овој процес, односно да не дозволиме да ни се сервира решение на принципот „земи или остави, со вас или без вас“. Иако е очекувано да опстоиме како партија на нашите традиционални цврсти позиции, сепак треба да бидеме мудри и да го препознаеме историскиот момент и шанса која се чини ни се укажува како земја. Да покажеме дека можеме да бидеме и ние дел од решението. Историјата ќе покаже дали можело овој проблем да се реши порано или подобро, но сега е многу поважно да се реши што поскоро. За мене лично долги години, и пред да се бавам активно со политика но и подоцна, ми беше нејасно зошто за најважниот проблем кој со години го имаме како земја, беа одвојувани скромни ресурси во смисла на финансиски средства и луѓе.

Второто вонпартиско прашање кое, според мене, е најважно за иднината на Македонија е статусот на меѓунационалните односи, пред сè, помеѓу Албанците и Македонците. Обиди се за ова прашање да се поставиш како државник. Размислувај 30-40 години во иднината, бидејќи стратешките прашања се решаваат со визија, а не со дневна политика. Иако како партија имаме направено повеќе за унапредување на правата и на животот на обичниот Албанец кој живее во Македонија од било која друга партија (било македонска, било албанска), сепак реалноста е дека над 90% од Албанците имаат негативен став кон ВМРО-ДПМНЕ. Има причини зошто е тоа така и зошто треба да се обидеме да го смениме. Треба да размислуваме како да ги уредиме меѓусебните односи од перспектива на членка и на НАТО и на ЕУ, кога границите помеѓу нас и соседните држави ќе бидат од обичен, административен карактер. Од тоа стојалиште, што порано се заложиме за целосна еднаквост во општеството (и во правата, но и во обврските кон државата), толку побрзо ќе успееме да се трансформираме во граѓанско десничарска партија која ќе има членови од сите делови на македонското општество.

Потребно е да почнеш да ги зацврстуваш темелите на мостовите кои ги градевме во минатото со меѓународната заедница, а кои во моментот се сериозно разнишани. За жал, во моментов свесен си дека перцепцијата за нашата партија кај голем дел од релевантните меѓународни фактори не е поволна. Историјата, за жал, не беше добар учител за нас на ова поле. Сигурен сум дека знаеш дека за една мала земја, политичката умешност се состои во тоа како да успееш сопствените национални интереси да ги протуркаш покрај интересите на големите супер сили. Не секогаш во реалната политика владеат принципите на фер и правичност, но тоа е главната карта на која малите земји треба да инсистираат, но пред сè, преку сопствен пример на коректност кон оние послаби од нив, а не со инаетење и лутење.

Во однос на медиумите ќе треба да најдеш начин како да изградиш коректен однос со овој сегмент од општеството на принципи малку поразлични од оние кои ги применувавме до сега. Немој да градиш однос од типот „ако не си со мене, тогаш си против мене“. Ни треба транспарентност и неселективност. Ќе треба да се навикнеш да даваш одговари и на тешки и несакани прашања. А ќе ги има, и ќе ги има многу особено за тоа што се случувало изминатите десет години. Ќе треба да си спремиш одговори кои нема да бидат лесни за кажување. Ќе мора да се соочиме со нашите грешки, колку и болно тоа да биде за некои од нас.

Стимулирај ги неформалните комуникации на нашите членови со луѓе и здруженија кои имаат поинакви политички размислувања од нас. Не ги осудувај нашите членови кои имаат таква комуникација или изградиле или ќе изградат пријателски односи со оние кои размислуваат поинаку од нас. Исклучивоста и неспремноста макар и неформално да се судрат мислењата не е добра. Уште од Хегел е ова разјаснето. Да градиме взаемна почит и кога не се согласуваме и да не ги правиме политичките неистомисленици непотребно наши непријатели.

Би сакал да ти дадам и свое мислење за односите кои треба да ги градиме со нашиот главен политички опонент, СДСМ. Свесен сум дека во моментов кај огромен дел од нашето членство владее една мешавина на гнев, лутина и разочараност кон СДСМ. И тоа целосно го разбирам. Но биди свесен дека слични чувства владеат кон нас и кај добар дел од нивните членови. Иако ќе ти биде тешко, иако од некои можеби ќе биде толкувано како слабост, обиди се да подадеш рака кон СДСМ и постепено да започнеш процес на помирување во општеството. Иако во моментот моќта и силата се на нивна страна, и имаат чувство дека „ја ослободиле Македонија“, сепак и тие се свесни дека ако продолжат овие апсења и политички нарачани процеси само кон една политичка партија, и тоа пред сè, македонска, тоа нема да биде добро ниту за државата, ниту за нив самите. Гневот раѓа нов гнев, одмаздата носи нови одмазди. А сепак, за голем број прашања кои се од национален интерес ќе треба во иднина да градиш конзензус со СДСМ. Секоја чест за поддршката и дипломатските успеси кои СДСМ во овој момент ги жнее на меѓународен план, но сепак животот и живеењето на нашите граѓани е тука, внатре, и тука е најважно што се случува. Ако успееме заеднички да изградиме едно толерантно општество, фокусирано на заедничката иднина, нашите граѓани од сите политички убедувања ќе бидат многу посреќни, отколку ако само нивната политичка опција е на власт во едно несредено општество.

Но, за жал, треба да бидеш свесен дека и покрај сè, некои работи ќе мора да се докажат и расчистат во судски постапки. Aко долгорочно сакаме Македонија да успее како држава, ќе мора сега да покажеме зрелост и да инсистираме и ние на принципот на одговорност. Неуставните механизми и решенија ќе мора да се прекинат или да им се најде друга форма, и ќе мора да инсистираш на активно вклучување и на опозицијата во правосудните реформи. Како што е познато и јас сум во групата која ќе ја докажува својата невиност пред судовите. Единствено што барам е твојата цврста заложба сите обвинети во судските случаи да имаме шанса на фер судење, без сензационализам и нарачан негативен ПР, без притисок врз судиите и обвинителите, без притисоци кон сведоците и обвинетите. Доволно е судењата да се во фер постапка со сите докази кои ги имаме на располагање за наша одбрана. Важно е да се покаже дека судскиот систем функцинира на принципите на фер и правичност.

Во последните реченици и е дел од мотивот за ова мое обраќање после многу месеци молчење. Би сакал да појаснам дека во моментот кога се покрена обвинение против мене, веднаш одлучив дека не би требало да имам било каква политичка активност во партијата, па и вон неа. Сакав максимално да се фокусирам на подготовка на мојата одбрана (која поради природата на нештата им помага и на другите обвинети во предметот), но и не сакав да дејствувам во партијата со изјави, ставови и погледи кои имаше ризик да бидат необјективни и заматени од неизбежниот судски процес со кој се соочував. Но го ценам и ставот и одлучноста на оние кои покажаа спремност на политичко делување и во таква една ситуација. Исто така, досега не сум имал шанса да ги кажам јавно моите размислувања за овие теми, веројатно и затоа што и се разликуваа во некои аспекти од доминантните внатрепартиски ставови.

Одлучив сè до завршување на судскиот процес, да немам никаква функција во работните тела на партијата. Сметам дека мојата политичка кариера е завршена. Нека биде ова искуство една скапа лекција и за мене лично, но и за оние кои ќе се одлучат својата професионална кариера да ја продолжат во политиката. Јас ќе се обидам, ако имам шанса, да се вратам во водите на бизнисот и да се посветам повеќе на моето семејство.

За крај, ти го честитам изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ти посакувам истрајност и чесност, личен успех и се разбира, победа на следните избори.

Владимир Пешевски,
поранешен вицепремиер во Владата на РМ и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ“

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Цели 13 години на ДУИ додека беше на власт не му сметаше што Јени Џамија е споменик на културата

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста имаше можност да ја види целата мизерија на СДС и Левица

Горан Наумовски

Лозановска: Трагата од претходната влада е загаден воздух, седум години крадење и празни ветувања

Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев

Горан Наумовски