Билатералните односи меѓу Македонија и Бразил и можностите за нивно продлабочување, особено во сферата на парламентарната соработка биле теми на разговор на средбите во Бразилија на македонскиот претседател Ѓорге Иванов со претседателот на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во Федералниот Сенат и поранешен бразилски претседател Фернандо Колор де Мело и со претседателот на Комитетот за надворешни работи и национална одбрана во долниот дом на Националниот конгрес на Бразил Бруна Фурлан.
Со цел реализација на конкретни иницијативи, соговорниците констатирале дека е неопходно унапредување на договорната рамка меѓу двете земји. Во таа насока, биле разгледани иницијативите за склучување на меѓусебни договори во сферата на културата, научната и технолошка соработка, воздушниот сообраќај и инвестициите.
– Во разговорите со двајцата претседатели на комитетите за надворешни работи и национална одбрана, претседателот Иванов посочи дека Македонската амбасада во Бразилија веќе отвори разговори за проширување на соработката во сферата на безбедноста со акцент на борбата против организираниот криминал и корупцијата што е резултат на одличната соработка помеѓу агенциите за разузнавање,при што изрази очекување за скоро потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу агенциите на двете земји, соопштија денеска од кабинетот на Иванов.