Денеска беше потпишан меморандум помеѓу Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Македонија и Агенцијата за комуникациски мрежи и услуги на Словенија за зајакнување на соработката и преземање активности од заеднички интерес.
Од АВМУ соопштија дека со меморандумот се предвидува размена на информации за развојот на политиките и стратегиите во регулацијата на електронските медиумски услуги, имплементација на национални правни регулативи, како и нивните измени и дополнувања.
Планирано е и преземање на заеднички активности и ставови пред европските и другите меѓународни организации од областа на електронските медиумски услуги.
На средбата се споделени и искуста за повеќе прашања со акцент на претходните и идни активности на полето на медиумската писменост, процесот на издавање дозволи за радиодифузерите и мониторингот на медиумските содржини.