Граѓанската иницијатива за чист воздух, О2 Kоалиција, заедно со граѓански здруженија и иницијативи, активисти од цела Македонија доставија барање до премиерот Зоран Заев, за редистрибуција на буџетските средства кон зголемена заштита на животната средина, намалување на загадувањето и запирање на рудниците, со обезбедување на средства не помалку од 2.5% за Заштита на животната средина од вкупните расходи за 2018 година.
Причина за ваквите барања е предложениот буџет за 2018 во кој, според организациите, не се издвоени доволно средства за решавање на проблемот со загаденоста и деградацијата на животната средина.
Како што велат од коалицијата, предвидениот буџет не ја отсликува сериозноста на ситуацијата и покажува недоволна посветеност на Владата на Република Македонија кон решавањето на овој, како што велат, алармирачки проблем.
Граѓанската иницијатива за чист воздух, О2 Kоалиција, смета дека Република Македонија во континуитет ги прекршува и не ги почитува правата поврзани со животната средина кои што произлегуваат од ратификуваната конвенција за правата на детето, конвенцијата за заштита на човековите права и слободи и меѓународниот пакт за граѓански и политички права.
– Сегашната состојба го отсликува континуитетот на кршење на правата на детето и човекот, заштитени преку ратификуваните конвенции, декларации, резолуции на ОН и Уставот на РМ. Сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа Македонија во поглед на загаденоста и деградацијата на животната средина, количината на проблеми, насобрани поради нивното децениско игнорирање бара максимална посветеност и вклученост за ерадикација на изворот на проблемот и санирање на последиците, рече Татијана Чакулев од Коалицијата за чист воздух.
Од Коалицијата најавија дека доколку премиерот Зоран Заев не ги испочитува нивните барања ќе ги преземат сите правни чекори кои им се на располагање за покренување на постапки против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, Уставот, човековите и правата на детето и ќе достават тужба во Европскиот суд за човекови права.
Здруженијата за чист воздух и здрава средина најавија и радикални протести доколку не бидат испочитувани ветувањата на Заев за подобрување на животната средина.
Претставниците од Коалицијата денеска ќе се сретнат со Зоран Заев, каде ќе побараат зголемување на средствата од буџетот на РМ за 2018-та година за решавање на проблемот со загадувањето и животната средина.
Виктор Јованов