Основниот суд Скопје 2 на 19 декември ќе ја објави пресудата за тужбата од 1 милион евра која ја побарува семејство на еден од убиените во селото Љуботен во 2001.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ се повика на пресудата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, каде пишува дека Јохан Тарчуловски учествувал како припадник на безбедносните сили токму во тоа село во критичниот ден кога бил убиен Рами Јусуфов чие семејство е тужител.
Судот веќе донел одлука со која го отфрла проширувањето на тужбата за Јохан Тарчуловски. Тужбата на семејството се однесува само на МВР. Адвокатот, сепак, инсистира надоместот на штета да биде солидарно исплатен и од Тарчуловски.
Тарчуловски во затворот во Шевенинген беше спроведен на 16 март 2005 година по барање на Хашкиот трибунал. Судот во 2008 година го ослободи ексминистерот Љубе Бошкоски од обвиненијата за извршени злосторства во скопското село Љуботен, но затоа, пак, Јохан Тарчуловски беше осуден на казна затвор во траење од 12 години.
В.М.