Тарчуловски до Димишкова: Дозволете да присуствувам на обраќањето на Столтенберг бидејќи сум поддржувач на ЕУ и НАТО интеграциите

Од:

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, до судијката Весна Димишкова која му одреди куќен притвор упати барање да присуствува на собраниската седница во четврток кога генералниот секретар на НАТО ќе се обрати пред пратениците.

Според дописот, Тарчуловски наведува дека неговото присуство на седницата е во насока на неговите заложби и ветувања пред граѓаните за целосна интеграција на Македонија во евро-атлантските структури.

„Почитувана судија Димишкова,

Преку медиумите беше објавено, а воедно и најавено преку веб страницата на Собранието на РМ, дека на ден 18.1.2018 година, во 12 часот, во Собранието на РМ ќе се обрати генералниот секретар на НАТО г. Јенс Столтенберг.

Имајќи го во предвид ова, како и фактот дека со Решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција, определена ми е мерка куќен притвор, Ве молам на наведениот датум, во период од 11:00-15:00 часот, да ми биде дозволено од страна на судот, да присуствувам на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг. Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието на РМ, бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ.

Потполно сум свесен за фактот дека во согласност со уставните и законските надлежности, одземен ми е пратеничкиот имунитет од страна на Собранието на РМ, односно одобрено е барањето на судот за определување на мерката куќен притвор, но, треба да се има во предвид дека согласно Уставот на РМ и Деловникот на Собранието, во оваа фаза од постапката, сеуште ја извршувам функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во таа смисла, сметам дека моето присуство на седницата на која ќе се обрати г. Столтенберг е во насока на реафирмација на моите заложби и ветувања кои ги дадов пред граѓаните на Република Македонија и пред моите гласачи, за целосна и безусловна интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури.

Од оваа моја заложба не отстапувам и понатаму, независно од сите политички и општествени случувања во државата, и независно од судската постапка која се води против мене, па оттука, сметам дека за судот нема да претставува пречка одобрувањето на ова барање, како мое уставно и ремократско право, согласно функцијата која сеуште формално-правно ја извршувам.

Верувам дека судот ќе ги цени овие мои заложби, а особено ќе го цени моето целосно почитување на определената мерка куќен притвор, односно фактот дека од кога истата е определена го немам напуштено мојот дом каде оваа мерка се спроведува.

Во таа смисла, не постои никаква опасност, да ја прекршам судската забрана за напуштање на мојот дом, освен во оваа исклучителна околност на неколку часа, се разбира со одобрение на насловниот суд.

Дополнителна гаранција за ова е целосниот кредибилитет и доверба која ја уживам кај граѓаните, но и фактот што сум избран претставник на сите граѓани на РМ во Собранието, функција на која сум обврзан да ја вршам со целосно почитување на Уставот и законите на РМ.“

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Тарчуловски позитивен на Ковид-19: Зарем некое зло мене ќе ме одмине?

А1он

Тарчуловски нема дозвола да го следи обраќањето на Столтенберг во Собранието

Ана Ололовска

На 19 декември пресуда за отштета на семејството на еден од убиените во 2001

Ана Ололовска

Семејствo на загинат од Љуботен бара 1 милион евра oтштета од Јохан Тарчуловски

Ана Ололовска

(Видео) Дали Тарчуловски манипулира – Бошкоски не бил финансиран исто како него

Ана Ололовска