За денеска, во Кривичниот суд е закажано рочиште за предметот „Тотал“ на СЈО, во кој за затајување данок, осомничен е новинарот Драган Павловиќ-Латас.
Минатото рочиште беше одложено поради тоа што, како што констатира судијката, не се испочитувани законските услови за одржување расправа, бидејќи не се определени законски застапници за фирмите „Тотал маркетинг“ и „Медиамакс“.
Судот за правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ И „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ СКОПЈЕ побарал присуство на претставници, бидејќи управителот Драган Павловиќ-Латас е обвинет во постапката.
Фирмите биле пријавени на домашна адреса на Латас.
На обвинетиот му било укажано дека за правни застапници може да ги постави и неговите бранители, по што тие се обврзаа да достават писмен поднесок до Судот. Доколку тоа не биде направено, Судот по службена должност ќе одреди правни застапници.
Во случајот „Тотал“ е обвинет новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ Латас, заедно со три фирми: Тотал Маркетинг Доел, Тотал Медиа Центар и Медиамакс, во кои тој се јавува како сопственик или управител.
Според обвинението Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски – фирмите за данок не плаќале данок, а обвинетиот и самиот одбегнал да плати данок. Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги осомничениот не го пријавил во годишната даночна пријава.