Насилството, дискриминацијата, говорот на омраза и кривичните дела од омраза засновани на сексуална ориентација и родов идентитет (СОРИ), како и вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ во училиштата и меѓу врсниците остануваат горливи проблеми на припадниците на оваа ранлива општествена група. Истовремено, адресирањето на недостатокот од правна рамка за заштита и остварување на правата на ЛГБТИ луѓето, како и недостатокот од поголема видливост на проблемите и потребите на овие луѓе е детектирано како клучно во решавањето на овие горливи проблеми. Ова меѓу другото беше заклучено на денешната Национална ЛГБТИ конференција „Разговори под виножитото“ во организација на здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста Субверзивен фронт.
„Присуството на политичката волја од страна на носителите на власт е евидентно, позитивен фактор во унапредувањето на правата и положбата на ЛГБТИ луѓето во РМ. Останува да се посветиме на исползувањето на оваа видлива политичка поддршка во подобрувањето на секојдневните животни искуства на ЛГБТИ луѓето во земјава, како и во работата на ЛГБТИ организациите.“ – изјави Антонио Михајлов, претседател на Субверзивен фронт.
„Ние имавме случај каде младо транс лице, откако го виде премиерот Заев на прославата на роденденот на ЛГБТИ Центарот за поддршка, побара од нас Заев лично да помогне во измената на ознаката за пол во неговите лични документи“ – изјави Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. „Ова е уште еден јасен сигнал како видливата поддршка од политичарите на највисоките државни функции се перципира и препознава како механизам за заштита на основните човекови права на оваа заедница од страна на самите припадници на оваа заедница.“ – изјави Цветковиќ.
„ЛГБТИ организациите може да ги користат механизмите креирани со Постојаната анкетна комисија за правата и слободите на граѓаните и Комисијата за еднакви можности при Собранието на РМ, како и фондовите наменети од буџетската ставка „Трансфери за граѓанските организациии“ од државниот буџет“ – изјави пратеничката Ивана Туфегџиќ.