Кривичниот суд го прифати обвинението за случајот „Топлик“ на специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Предметот се однесува на продажбата на градежна парцела за изградба на населбата „Сончев град“. За овој случај, снимките од прислушуваните телефонски разговори се прифатени како доказ.
Покрај Јанакиески, во случајот се обвинети уште пет лица. Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба.
Според обвинението, Јанакиески спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
„Иако не биле исполнети условите за спроведување на јавната набавка, Комисијата составила извештај дека била спроведена постапка за јавно наддавање и дала предлог да биде склучен договор со избраниот најповолен понудувач. Доказите упатуваат на тоа дека веднаш по склучувањето на договорот, првоосомничениот, иако бил свесен дека постојат суштински недостатоци поради кои Министерството не може да ги исполни обврските од договорот, сепак во име на Министерството склучил договор со правното друштво „Сан сити“ ДОО за отуѓување на градежното земјиште со јавно наддавање. Овој договор подоцна, со судска спогодба помеѓу Министерството и „Сан сити“, бил раскинат бидејќи правното лице токму поради суштинските недостатоци не можело да го спроведе договорот“, стои во обвинението.
Од доказите, исто така, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, Министерството се обврзало во износ од 1 милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.