Митрополитот Повардарски г. Агатангел до свештениците, монаштвото и верниците на Македонската повардарска црква упати архипастирски благослов по повод рожденството Христово-Божик.
– Возљубени наши духовни чеда! Синот Божји, на денешниот величествен и торжествен празник, испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов, и ние, заедно со вас, чувствуваме огромна национална и црковна радост. Искрено и со целото свое битие длабоко Му благодариме на Бога и на Неговата света промисла што не удостои во годината што помина да ја прославиме 45-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Овој блескав историски момент беше и остана бесмртен сенароден и сецрковен акцент во битието на нашата татковина, Република Македонија. Со оваа значајна историска одлука беше фрлено божественото семе за идното автохтоно и духовно преуспевање на македонскиот православен човек.
Денес, по поминат 45 години, анализирајќи ги плодовите на оваа храбра историска одлука на нашите духовни патријарси со сигурност можеме да кажеме дека духовното семе паднало на добра почва и тоа дало и се уште дава добар и корисен плод. За време на овие 45 години, автокефално црковно живеење, македонските цркви и манастири од споменици од далечното минато, со Божја помош и заштита, станаа вистински расад на автентичната македонска православна црква. По поминати 45 години, слободно можеме да кажеме дека Македонската православна црква е Црква со огромен напредок на духовен план, бидејќи од темел требаше да го гради и организира црковниот живот, како во Македонија, така и во дијаспората. Возљубени следбеници на новородениот Богомладенец! Како Ваш духовен пастир, од длабочината на мојата душа, наискрено ви посакувам во мир, љубов, радост и меѓусебно разбирање да ги прославите Божикните празници, истакна г. Агатенгел.
Тој ги повика верниците да напредуват сложно како македонски православен народ, а верата, љубовта, надежта и побожноста да ги прифатат како основни критериуми во животот.