Вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев е оптимист дека Фени Индустри АД Кавадарци ќе се рестартира и оти целосно ќе бидат обесштетени помалите доверители, а трите банки најголеми доверители ќе се договорат со новиот инвеститор дел од долгот веднаш да им биде платен, а дел да биде реструктуиран.
Изборот на новиот инвеститор во Фени, како што нагласи, сега е во рацете на судските власти и доверителите.
– Која компанија конечно ќе стане сопственик на Фени ќе се одреди од одборот на доверители согласно транспарентна законска постапка. Ќе биде избрана компанијата која ќе понуди најдобра програма, односно ќе донесе најмногу финасиски средства за отплаќање на долговите и при тоа ќе покаже капацитет и способност да менаџира со фабриката, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарско пршање пред промоцијата на Канцеларијата на претставништвото на италијанската „Конфиндустрија“ во Македонија.
Тој посочи дека новиот сопственик на Фени ќе треба да покаже дека има извор на руда, технологија, знаење и кадар за да може да раководи со компанијата.