Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Чешката Република Н.Е. Мирослав Томан. На средбата на која присуствуваше и г. Јан Коур, конзул и економско аташе се дискутираше за унапредување на економската соработка како и за можностите за подобрување на трговските односи меѓу двете земји.
„Намалување на разликите во трговската размена и поттикнување на компаниите за меѓусебна соработка се значајни аспекти кои ќе ги унапредат економските релации меѓу двете земји. Земјоделство, енергетика, инфраструктура, како и трансфер на технологии и знаење, потребно е да се нашиот фокус со цел искористување на потенцијалите“, изјави Арсовска по средбата.
Според официјалните податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, минатата година трговската размена меѓу двете земји изнесувала 128 милиони евра, остварен е увоз од 90 милиони евра, а извоз од 38 милиони евра. Годинава до септмеври трговската размена изнесува 111 милиони евра, со остварен увоз од 71 милион евра и извоз од 40 милиони евра.
Во најголем дел се увезуваат основни суровини за автомобилски делови, за текстил, машински делови, како и делови од пластика, а се извезуваат елетрични и машински производи, текстил, земјоделски производи, делови за автомобили како и кондиторски производи.