Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција, Игор Тантуровски нема информации за кои двајца високи функционери од власта, кои што го спомна премиерот Заев, се води истрага за корупција.
Тој не коментираше и рече дека премиерот најверојатно има свои извори за тие податоци.
– Јас не можам да кажам точно за кои лица се однесува кои ги спомна премиерот. Знам за оние предмети за кои ние постапуваме, а тие се во постапка и за нив не би можел да коментирам, рече на новинарско прашање Тантуровски кој денеска се обрати на меѓународна работилница на тема „Превенција на корупцијата, судирот на интереси и заштита на укажувачите“, организирана од ДКСК во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија.
Коментар за функционерите од власта кои што се под истрага за корупција не даде ни Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл Македонија“.
– Мислам дека е добро сите вакви случаи да бидат прво истражени, да се дојде до информации што ќе поткрепат постоење на основи за сомневање и потоа надлежните институции да се произнесат за тоа што се случува и дали навистина некој од функционерите бил вклучен во корупција. Тоа не е работа на политиката и не треба да се користи за политички цели, ниту пак како политичка промоција дека ете ние почнавме борба против корупцијата. Мора да кажам дека тоа сме го виделе и порано, но немало ефекти во целосно заокружување на ваквите случаи, рече Тасева.