На 20 април 1955 година, Маријан Џон Маркул во ФБИ во Лос Анџелес ја раскажал приказната дека човекот кој што се претставува како Јосип Броз Тито всушност не е Тито, туку е руски агент кој што го презел неговиот идентитет, откако вистинскиот Јосип Броз исчезнал во Русија во 1937 година.
Тајните белешки на ФБИ од педесетите од неодамна се достапни за јавноста и јавно објавени. Во извештајот на Маријан Маркул пишува дека е е сигурно колку овие информации се точни, но се наведува дека тој е социјалист и дека сака да понуди информации кои би биле важни за САД.
Во белешката од состанокот на агентите од ФБИ со Маркул стои дека тој ја посетил Југославија во 1953 година и дека во два наврати се сретнал со Тито. Првиот состанок траел околу 1 час и во таа прилика забележал дека маршалот Тито има по пет прсти на секоја рака, а Маркул тврди дека вистинскиот Тито ги загубил показалецот и средниот прст на левата рака.
Тој додава дека Тито со кој што разговарал во 1953 година бил образован и одлично свирел клавир, а од друга страна вистинскиот Тито бил необразован и колку што знае Маркул не знаел да свири клавир.
Помеѓу останатото, Маркул тврди дека Јосип Броз бил висок околу 180 центиметри, додека „лажниот“ Тито бил висок само 160 центиметри. Тој рекол дека човекот кој што се претставувал како Тито зборвал со руски нагласок и дека зборувал мирно, додека вистинскиот Тито зборувал остро.
Маркул кажува дека Тито многу се разболувал и дека имал туберколоза и дека исчезнал во Русија во 1937 година. Исто така изјавил дека на крајот на дваесетите години разговарал со вистинскиот Тито во Југославија, а се сретнал со него и во Париз во 1935 и во 1936 година и додал дека е цврсто убеден во неговиот идентитет.
По приемот кај Маршалот во 1953 година, Маријан ја посетил неговата сестра, која што била мажена во Загреб и со неа разговарале за тоа дали Тито е „вистинскиот“, по што и двајцата се согласиле дека не е.
Неговата сестра кажала дека таа и нејзиниот маж веруваат дека Тито кој што ја води Југославија е преварант. Нејзиниот сопруг, извесен Борис Гориќ потврдил дека и тој не е сигурен во идентитетот на Тито и дека за тоа се шпекулира низ целата држава.
Во извештајот се наведува дека сестрата на Маркул и нејзиниот сопруг започнале да се сомневаат во неговиот идентитет уште во 1937 година кога на радио забележале дека Тито зборува со друг нагласок. Маркул тврди дека неговиот татко Иван го познавал вистинскиот Тито и дека и тој не верувал во идентитетот на Маршалот.
Иван Маркул и Јосип Броз заедно работеле во ист град, а Иван бил уверен дека маршалот во Белград не е истиот Тито, кој што бил секретар на комунистичката партија во Југославија.
Вториот состанок со Тито во 1953 година, Маркул го имал во Загреб. Овој пат Маријан и неговата сопруга Ингрид, маршалот во потполност ги игнорирал. По приемот, Маркул разговарал со Александар Ранковиќ, за кој што тврди дека бил најмоќниот човек во Југославија.
Ранковиќ и Маркул наводно заедно биле во затвор кон крајот на дваесетите години од минатиот век поради синдикално организирање и во тоа време доста се зближиле. Поради тоа Маркул на Ранковиќ отворено му кажал дека знае дека Тито кој што седи во соседната соба е лажен.
За Ранковиќ, Маркул тврди дека бил главен човек задолжен за безбедноста во Југославија и дека во меѓусебниот разговор Ранковиќ му рекол да не се оптеретува со такви работи и да ужива во престојот во Југославија.
Маркул на агентите на ФБИ им раскажал дека според неговото мислење, југословенските власти во тајност соработувале со Советскиот сојуз. Тој изразил и уверување дека доколку советските власти посакувале лесно би можеле да се решат од Јосип Броз и додаде дека сите негови изјави може да ги потврди извесен Живко Топаловиќ од Франција.
Живко Топаловиќ, како што кажува Маркул добро го познавал вистинскиот Тито, а југословенските власти го осудиле на 20 години затвор, па поради тоа избегал во Франција. Топаловиќ верувал дека личноста која што се претставува како Тито е всушност рускиот генерал Николај Лебедев.
Маркул заклучува дека југословенската влада глумела дека не е во добри односи со Советскиот сојуз за да добие помош од САД и дека никогаш не дошло до разидување помеѓу тие две држави.
Тој ги обвинува југословенските власти за соработка со Советскиот сојуз и рекол дека во рок од четири или пет месеци тоа на сите ќе им стане јасно.
Маркул кажал дека поминал неколку години во Русија и дека мисли дека има многу руски агенти низ улиците на Југославија. Во 1930 година отишол во Русија и мислел дека општеството е дбро уредено, но бил уапсен бидејќи не ги исполнувал работните обврски, а на американските агенти им раскажал дека избегал три години подоцна преку Сибир.