Трајко Вељаноски – работодавачот, ова е насловот на колумната на Мирјана Најчевска на нејзиниот блог „Квадратура на кругот“.
Еве го ставот на Најчевска:
Кутрото адвокатче кое од адвокатското гранапче го поставија за Претседател на Собранието на Република Македонија (што само по себе е омаловажување на највисокото тело на власта на државата и не изложува на оправдан потсмев во поблиската и поширока околина) решило да ги примени правилата на своето грнапче во Собранието.
Кутрото човече си се замислило дека тоа ги вработува пратениците (исто како што него го вработила партијата) и дека сите тие како него пратеничката функција ја разбираат како решавање на сопствената егзистенција.
Според него “пратениците во делот на обврските не се и не треба драстично да бидат различни од сите останати граѓани во државата каде работат и кои секојдневно мора да ги исполнуваат работните обврски.“. Потврда дека пратеничката функција за Трајко Вељаносвски е вработување за добивање на плата е неговото натамошно објаснување: “А што да кажат оние граѓани кои се невработени, кои се борат да се стекнат со своето работно место, да земат своја плата и конечно да најдат свое место, свои права и одговорности во нашето општество.“ Ова значи дека, ако пратениците на опозицијата не сакаат да работат како што им се наредува има други (армија невработени) кои во секој момент може да станат пратеници и совесно да доаѓаат на седници и да гласаат како што ќе им биде кажано и сите закони како по вода да се лизгаат и никој да нема проблеми, а светот ќе ни аплаудира на прекрасната демократија која сме ја воспоставиле.
Очигледно е дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ всушност воопшто не се избраници на граѓаните туку вработени на платниот список на ВМРО-ДПМНЕ кои можат да бидат отпуштени, кои можат да бидат прогласени за технолошки вишок, кои подлежат на дисциплински постапки, кои ќе бидат казнети со намалување на плата ако не работат како што сака нивниот работодавач.
Поголемо понижување на пратеничката функција и на сиот мој кутар народ кој си игра избори не можам да замислам. Не, овој народ не е шутрачки. Тој е едноставно глуп.