Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески попладнево оствари средба со турскиот режисер Ердал Мурат Акташ кој јавно потврди дека е заинтересиран и го поддржува проектот „Битола Филмленд“.
Проектот Битола-филмски град е реалност, а потврда за тоа е престојот на голем број режисери, продуценти и други филмски работници во градот со богато културно историско наследство и знаменитости, посочи познатиот турски режисер Акташ на средбата со градоначалникот Талески.
– Досега сум направил многу меѓународни проекти, а од денес започнувам копродукција и соработка со градоначалникот на Битола. Кога слушнав за овој градоначалник и за неговата идеја за Филмленд реков морам да одам и да го сретнам и да направам копродукција со него. Затоа сум тука. Што и да направиме ние во областа на филмската индустрија ќе биде нешто големо и меѓународно. Јас на сите тие проекти ќе поканам и ќе донесам многу познати имиња од Турција во Битола. Кога ќе го имаме конкретниот проект, јас повторно ќе го споделам со вас и вие ќе имате сознание за што конкретно станува збор, рече Акташ.
Градоначалникот Талески најави општинска поддршка, како и можност за поддршка од македонското Министерство за култура, откако конкретниот проект ќе биде завршен.
– Тоа се луѓе професионалци кои се занимаваат со филмска продукција, луѓе кои навистина во животот многу направиле, кои дојдоа да се понудат на Битола за соработка. Разбрале за нашата идеја, за Битола филмски град. По завршувањето на овој голем проект кој предвидува соработка со Битола, Солун и неколку други градови, договоривме заедничка средба која ќе биде повторно во Битола. На овој начин отвораме една нова страница со врвни професионалци кои што имаат искуство на работа со документарни, играни филмови, турски серии, луѓе кои што работат со големи буџети, истакна Талески.
Гостинот од Турција ја посети и националната установа Завод и Музеј од каде за потребите на друг проект корисат фотографии сочувани во битолскиот Музеј.