Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски донесе Одлука за поништување на одлуката за избор на младинскиот претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан.
– Досегашниот младински претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка не ги претставуваше интересите на целокупниот граѓански сектор кои се занимава со младински прашања и младински политики во Република Македонија, се наведува во соопштението од АМС.
Во изминатиот период, како што посочуваат од Агенцијата, извршен е увид во постапката за избор на Бојана Наумовска за член во Управниот одбор на РКМС, со што се утврдило дека постојат низа нерегуларности во поглед на нејзиниот избор и статусот на организациите кои учествувале во работната група. Голем број од организациите, како што додаваат од АМС, се со неактивен статус во Централниот регистар и не ги исполнуваат јавно објавените услови.
Агенцијата за млади и спорт работи на целосна транспарентност и вклученост на младите во процесот на одлучување.
Оттаму велат дека започната е нова постапка за избор на целосно легитимен претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка, во која начелата на транспарентност, инклузивност и независност нема да бидат загрозени.