Измени во законот за матична евиденција и системско решение на проблемот на лицата без документи за целосна инклузија на Ромите во сите области, најави денеска министерот задолжен за имплементација на Националната стратегија за Ромите Самка Ибраимовски.
– Очекувам дека нашата Влада ќе најде системско законско решение. Имаме дадено свои предлози, сме во разговор со министерката за труд и социјална политика и очекувам брзо и успешно решавање на проблемот. Ќе направиме социјална мапа каде ќе се утврди правата фактичка состојба на ваквите лица низ цела Македонија и на тој начин ќе бидат евидентирани сите, рече Ибраимовски.
Посочи дека нерегистрираните лица се долги години тема на разговор и станува збор за генерации и генерации што не се препознаени од државата и ситемот, и кои не остваруваат ниту едно право или услуга од државата.
– Од секогаш се шпекулира за бројката на Роми без документи. Активистите на терен проценуваат дека може да има до 1.500 лица без регистрација од државата. Јас лично верувам дека овој број е многу поголем, изјави Ибраимовски.
Како најчеста причина за тоа ја посочи недоволната едукација, децата родени во домашни услови и недоволната писменост.
– Тоа многу лесно може да се промени. Ние ги знаеме тие луѓе, тие имаат давано барање до институции и невладини организации, но тоа оди многу бавно. Ние работиме на терен ги известуваме луѓето дека ќе има такво законско решение. Кога ќе се донесе законот сите од еднаш ќе си достават барање до институциите и ќе нема никаков проблем, изјави Ибраимовски.
Ибраимовски присуствуваше на регионална конференција за систематски решенија за лицата без документи од ромската заедница, во организација на Мисијата на ОБСЕ во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Прашан дали проблемот е вклучен во Националната стратегија за Роми, Ибраимовски рече дека проблемот бил идентификуван, но не било понудено системско решение.
– Тоа е проблемот, што ништо не се презелео во делот на стратегијата за Ромите. Имало нешто како документ донесено, но имплементацијата била многу минимално мала. Ние не се базиравме многу на она што е донесено во декадата на Ромите, затоа што декадата си го кажа своето и ништо не направи. Стратегијата е устав за Ромите во Република Македонија и ако почнеме да го решаваме со што е напишано во стратегијата нема да имаат проблем Ромите во Македонија, изјави Ибраимовски.