Првиот работен ден по едностраното прогласување независноста на Каталонија, разрешениот каталонски лидер Карлес Пуџдемон пристигна на работа во Палатата на Генералитетот, односно седиштето на регионалната Влада, јавија каталонските медиуми.
Пуџдемон утрово на социјалните мрежи објави фотографија од неговото работно место со порака „Добро утро“, и покрај тоа што шпанската влада го разреши со примена на членот 155 од Уставот.
Освен Пуџдемон, на работа утрово пристигна и претседателката на каталонскиот парламент Кодарме Форкадељ.
Аналитичарите проценуваат дека Шпанија денеска влегува на „потенцијално опасна територија“, бидејќи официјален Мадрид ќе почне со воспоставувањето директна контрола над Каталонија, како одговор на еднострано прогласување независност на регионот.
Во Каталонија се во исчекување на шпанската реакција откако разрешените лица од централната власт и денеска седнаа на работните места.
Медиумите во Каталонија наведуваат дека каталонската влада смета дека не е распуштена и покрај тоа што шпанскиот премиер Марјано Рахој ја распушти со активирање на членот 155 од Уставот и свика избори за 21 декември. Тие напоменуваат дека во Службениот весник, ниту е објавна смената на владата, ниту пак Декларацијата за независност.
Намерата на Пуџдемон и на неговите министри е да одат на работа нормално, поради што се очекува интервенцијата на Шпанија, јавуваат каталонските медиуми.