(ВИДЕО) Дерала: Забележани се закани врз набљудувачи на Цивил, забележани се неколку примери на семејно гласање

Од:

Од почетокот на гласањето биле забележани три случаи на притисок врз мониторинг тимовите на Цивил во општините Штип, Кавадарци и Сарај, рече Џабир Дерала на прес-конференција.

– Член на избирачкиот одбор на ИМ 2447/1 упатил крајно сериозни закани врз мониторинг тимот на ЦИВИЛ, кој се наоѓаше на тоа и на ИМ 2447 во село Ласкарци, општина Сарај. Настанот се случил нешто по 11 часот. Заканите дошле од лицето, член на ИО, кое било револтирано од присуството на набљудувачите на ЦИВИЛ, односно од извештаите на ЦИВИЛ од првиот круг на изборите, рече Дерала.

Тој кажа дека ги повлекле своите набљудувачи од ова село, каде што и во првиот изборен круг биле забележани изборни нерегуларности.

– Не веруваме дека во Ласкарци ќе се одржат слободни избори. Ги повикуваме институциите, особено ДИК, да ја провери кондицијата на лицата ангажирани во своите тела, а препорачување МВР да ја засили својата контрола во овој дел од општина Сарај и да помогне изборниот процес да се одвива непречено, изјави Џабир Дерала на прес конференцијата во 13:30 часот.

– Апелираме до политичките партии веднаш да престанат со притисоци врз граѓанките и граѓаните и веднаш да престанат со кршењето на изборниот молк. Изборниот молк се крши како воопшто да не постои забрана за партиска активност во текот на изборниот ден. Бараме од партиските структури изборната администрација веднаш да престанат со опструкциите на набљудувачите на ЦИВИЛ, нагласи претставникот на ЦИВИЛ.

Дерала додаде дека на избирачкото место 0683 во Кавадарци, набљудувачка на Цивил била спречена да влезе во избирачкото место за да набљудува со образложение дека на овластувањето не бил наведен број на избирачко место, а во Штип припадник на полицијата се обидел да ја ограничи слободата на движење на набљудувач на Цивил и со тоа го попречил во вршењето на неговата задача. По објаснувањето, полицаецот постапил според законот и се повлекол.

Тој додаде забележале и случај каде што некоја госпоѓа се претставила како набљудувачка на Цивил, без легитимација, а избирачкиот одбор на избирачкото место 2778 ѝ дозволил да набљудува, иако таму веќе имало набљудувач од Цивил.

– Во меѓувреме, од 9 до 12 часот, до ЦИВИЛ пристигнаа 29 извештаи за нерегуларности. На прес конференцијата на ЦИВИЛ беа презентирани извештаите од обработените случаи до 12 часот, според редоследот по кој се внесувани во системот на ЦИВИЛ. Набљудувачите на ЦИВИЛ пријавија два случаи на фотографирање на гласачкото ливче до 10 часот. Првиот случај е во ОУ „26 Јули“, ИМ 2959, во општина Шуто Оризари. Лицето е фатено на дело и веднаш приведено од полицијата. Вториот извештај за фотографирање на гласачкото ливче доаѓа од општина Кисела Вода. Во избирачкото место 2660, во МЗ Црниче, едно лице го фотографирало гласачкото ливче, на што реагирале набљудувачите и, по брза интервенција на полицијата. Активист на една партија го сликал гласачкото ливче и го објавил на инстаграм, било приведено, рече Дерала.

– Во ИМ 0310/1, Општина Виница, член на ИО станал и гласно му сугерирал на гласач за кого да гласа. Семејно гласање е нотирано во повеќе избирачки места во општина Студеничани, и тоа во ИМ , 2347/1 и ИМ 2345/1 во ОУ „Наим Фрашери“. Семејното и групното гласање, без реакција од избирачките одбори, продолжува, практично, непречено. Во општина Липково, се нотираат случаи на семејно и групно гласање, и тоа во с. Липково, ИМ 1112/1, с. Слупчане ИМ 0024, и с. Отља во ИМ 1119 и 1119/1. Во општина Шуто Оризари, случаите на семејно и групно гласање се повеќе од чести и сосема вообичаени, без реакција од избирачките одбори. Особено чести се случаите на семејно и групно гласање во избирачките места во ОУ „26 Јули“ во таа општина, рече Дерала.

Тој извести и за забележано кршење на изборниот молк во општина Пробиштип, каде што партиски набљудувачи излегле пред објектот на ОУ Никола Карев и гласно ги повикувале минувачите да гласаат за нивната партија, а дел од нив се јавувале и по телефон и вршеле притисок врз гласачите.

– Во с. Слупчане, општина Липково, ИМ 0024, избирачкото место е отворено со задоцнување од 39 минути, затоа што набљудувачите од една партија инсистирале да се пребројат гласачките ливчиња пред почетокот на гласањето. Три пати се броеле додека се согласиле дека се е во ред. Претходно ЦИВИЛ извести дека ИМ 2433, во ОУ „Дитуриа“, во општина Сарај било заклучено до 8:30 часот. Според законот, на овие ИМ треба да се продолжи гласањето за толку време колку што траело доцнењето, рече Дерала.

Би можело да ве интересира

Во Албанија изборен молк пред делумните локални избори

А1он

Поткуп од 1500 денари за глас во Кочани

А1он

Илиевски: Итна и целосна гасификација на сите домаќинства и индустриски капацитети во Куманово

А1он

(ВИДЕО) Шилегов: Скопје станува европска метропола каде луѓето се важни

А1он

Шилегов: Реконструиравме 40 градски улици и изградивме четири нови булевари во Скопје

А1он

Арсовска од Ѓорче: Спортски комплекс, уредување на Лепенец, енергетска транзиција, расчистување со депониите за 82 дена

А1он