Дискриминацијата на Роми се согледува само во постапувањето на полицијата и постоењето отсуство на сериозна ефективна истрага за наводна полициска бруталност, додека во рамките на судските постапки не може да се забележи нееднакво постапување и нееднаков третман на Ромите во кривична постапка. Од друга страна, загрижува неможноста Ромите да ги искористат сите процесни права и овластувања што ги гарантира законот.
Ова се заклучоците на „Анализата за положбата на Ромите како обвинети во кривичната постапка” на Центарот за правни истражувања и анализи и Здружението на правници Роми од Скопје.
Правната анализа е подготвена од истражувачите Гордана Лажетиќ Бужаровска од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ Скопје и Алма Мустафовска Салимовска адвокат од Скопје, додека емпириската анализа се однесува на перидот од 2011 до 2015 година и опфаќа вкупно 144 пресуди во основните судови во Скопје, Штип, Битола и Куманово.
Бужаровска посочи дека од самите пресуди и анализата на содржината во делот на описот и образложението, во делот на околностите за одмерување на кривичната санкција тие не детектирале постоење на дискриминаторски однос на судот кон Ромите, поради што, како што рече, предложиле да се оди со следење на случаи и таргетирани предмети и нивна анализа.
– Во однос на жртвите, во официјалната статистика во Државниот завод за статистика има многу малку податоци. Поточно податоци има само за 15 жртви. Најмногу има жртви на семејно насилство, телесна и тешка телесна повреда и полов напад врз дете. Заклучивме дека секогаш постои роднинска врска, познанство меѓу сторителот и жртвата, изјави Бужаровска.
Алма Мустафовска Салимовска, еден од авторите на анализата, посочи дека во пресудите од Европскиот суд за човекови права добиени против Република Македонија, 50 проценти се поднесени од лица од Ромска националност и се однесуваат на пречекорување на полициски овластувања и прекумерна употреба на сила.
– Ромите во Република Македонија се соочуваат со нееднаков третман и со прекумерна употреба на сила, особено во полициските и истражни постапки. Анализата покажа дека не може да се воочи ниту тенденција, ниту случаи на дискриминација во однос на процесната положба на обвинет од ромска националност. Меѓутоа може да кажеме дека дискриминација во однос на обвинет припадник на ромска заедница постои во најширока смисла на зборот во однос на неможноста Ромите да ги искористат сите процесни права и овластувања кои ги гарантира законот, изјави Салимовска.