Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Шпанија, Чешка и Кувајт

Од:

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, на Чешката Република и на Државата Кувајт за Република Македонија.

На средбата со новиот амбасадор на Шпанија Емилио Лоренсо Сера, Иванов изразил задоволство од развојот на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија. Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Иванов изразил благодарност за поддршката од Шпанија за реализација на европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија и очекување дека ваквата поддршка ќе продолжи со поголем интензитет во следниот периода.

Претседателот истакнал и дека во изминатиот период со големо внимание, но и загриженост ги следи настаните во Шпанија.

– Во оваа прилика, би сакал да ја нагласам мојата увереност дека Шпанија ќе најде сили и ќе ги надмине политичките премрежја, од кои ќе излезе уште посилна и посплотена, истакнал Иванов.

Осврнувајќи се на бегалската криза, на јакнењето на радикализмот и порастот на терористичките напади, како тие што неодамна се случија во Барселона и Камбрилс, македонскиот претседател ја нагласил потребата од поблиска соработка во областа на безбедноста.

– Само со заеднички настап и поголема сплотеност и солидарност на демократскиот свет, ќе може да се одговори на современите безбедносни предизвици, рекол претседателот Иванов.

На средбата со Мирослав Томан, новиот амбасадор на Чешка, шефот на државата го поздравил воспоставениот плоден политички дијалог на сите нивоа и достигнатото високо ниво на односите меѓу двете држави, додавајќи дека Република Македонија придава посебно значење на градењето блиски и пријателски односи со Чешката Република со која, рекол, нė врзуваат силни историски и културни врски.

– Чешката Република е еден од нашите најзначајни пријатели, партнери и поддржувачи во реализацијата на нашите стратегиски цели. Би сакал и во оваа пригода да изразам благодарност за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за принципиелната, конзистентна и отворена поддршка на европските и евроатлантските аспирации на Република Македонија, истакнал претседателот Иванов, истовремено изразувајќи благодарност и за чешката поддршка и помош во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза.

На средбата со Јакуб Алтеги, новоименуван aмбасадор на Државата Кувајт за Република Македонија, со седиште во Софија, Иванов изразил подготвеност за продлабочување на политичката, а особено економската соработка меѓу двете држави.

– Ценам дека постои заедничка желба посеопфатно и посодржински да ги развиваме и да ги унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите пријателски земји, истакнал претседателот Иванов, кој на тројцата новоименувани амбасадори им посакал успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

Уапсен полицаец, во ѕидовите од неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра

ВИДЕО: Во Шпанија ноќеска повторно се спасуваа луѓе, по улиците се излеваа реки вода

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата