Граѓанската асоцијација МОСТ со повеќе од 2.500 набљудувачи ќе ги следи утрешните локални избори од кои 2.100 ќе бидат статични.
– Статичните набљудувачи ќе покријат околу 50 отсто од гласачките места во Република Македонија и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање од отворање на гласачките места, преку текот на гласањето, затворање на гласачките места, па се до пребројување на гласовите, рече извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови од по двајца набљудувачи кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние гласачки места во кои МОСТ нема сатични набљудувачи.
– Дополнително 81 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на Град Скопје, а еден ќе ја набљудува работата на Државната изборна комисија, потенцира Алексов.
Покрај гласањето на 15 октомври, МОСТ ќе го набљудува и денешното предвремено гласање на болните и немоќните лица, внатрешно раселените и лицата во затвор и притвор.
– Во текот на изборниот ден граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес ќе може тоа да го напават на бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk, рече Алексов и апаелираше за одржување фер, демократски и мирен изборен процес.
Набљудувачите на МОСТ, додаде, ќе бидат препознатливи по жолтите маички со кратки ракави на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е впишано „Мониторинг 2017“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК.
Најави дека МОСТ ќе ги соопшти сите информации од денот на гласањето на четири прес-конференции што ќе се одржат утре во 9:30, 13:30, 17:30 и 20:30 часот.