Франција, Германија и Велика Британија во заедничко соопштение побараа од САД да размислат пред да преземат мерки, како што е враќање на санкции, и со тоа да му наштетат на договорот со Иран.
„Нуклеарниот договор претставува кулминација на 13 години дипломатија и претставуваше голем чекор кон осигурување на тоа дека иранската нуклеарна програма нема да се користи во воени цели“, се наведува во заедничката изјава на британската премиер Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Изјавата е објавена по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп кој одби да го потврди нуклеарниот договор со Иран.
Во заедничката изјава се истакнува дека Договорот бил едногласно прифатен во Советот за безбедност на ОН и дека Меѓународната агенција за атомска енергија ја потврди посветеноста на Иран кон договорот.
„Ги охрабруваме американската администрација и Конгрес да ги земат предвид импликациите по безбедноста на САД и нивните сојузници пред да преземат какви било чекори кои можат да го поткопаат нуклеарниот договор, вклучувајќи и повторно воведување санкции кон Иран“, додаваат тројцата челници.