„Неутралноста никогаш не била добар избор. Мора да се даде отпор против лагата“, пишува Бранко Тричковски во текст под наслов:„ Реинсталирање на нормалноста“ за интернет магазинот „Глобус“.
Текстот го објавуваме во целост:
Можеме ли да отпечатиме три-четири милиони летоци со интервјуто на Јасна Котеска во “Граѓански” и да ги фрлиме над саканата ни татковина со помош на антикомарската и спортска ескадрила на една бивша држава која во политичката карта на Европа денеска е заведена како Територија под контрола на Надвојводата Шарло и на единиците на чипираните идиоти на Внатрешната антимакедонска контрареволуционерна инсталација позната под кодното име вмродпмне.
Како во преткомпјутерското детство на мојата маленкост кога некои важни информации ни паѓаа од небото. Не се сеќавам на ниту една конкретна информација, но знам дека трчавме низ дворовите и сокаците, по бавчите и градините светиниколски бркајќи ги летоците што најчесто ги сереше еден жолт авион.
Добро, денеска ги имаме социјалните мрежи преку кои можеме да ја скокнеме медумската блокада на исфрлувачите на нормалноста од собранието и од нашата поширока стварност, но, сеедно, мислам дека ништо не може да ја допре симболиката на авионското обраќање до нацијата: да скокнеше од некој аероплан за запрашување, Хорхе, да речеме, ќе го оствареше сплотувањето со народот многу поуспешно отколку преку пренапудреното и глупаво естетизирано, телевизиско обраќање.
Немам намера тука да ја прераскажувам Јасна, но сепак во функција на мојата теза ќе кажам дека станува збор за теориски втемелена анализа на културнополитичките состојби и процеси од кои на летоците би можеле да се најдат варијации на следните ставови, констатации и заложби:
1. Македонија во 2013 година не е иста како Германија во 1944 година, но принципите на самоизмамата и на медиумското производство на стварност која е драматично различна од стварната стварност, се исти: од пропагандата на семејните вредности, на националното достоинство, на верските традиции и слично, не се раѓа сталожен и спокоен, одржлив конзервативен граѓански ред и поредок, туку поданички менталитет како цврста основа на тоталитаризмот.
2. Тоталитаризмот е можен само таму кај што се прекинати сите разговори за политичкото. Овој прекин е во срцето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
3. Пропагандното миење на мозоците ја анестезира свеста на луѓето и тие се оспособени да ја прифаќаат како нормална употребата на таква сила каква што беше применета при исфрлање на пратениците и новинарите од законодавниот дом.
4. Вербата во нацијата не само што не е пацифистичка утеха, туку е нешто многу пострашно. Политичкото име на патриотизмот е корупцијата.
5. Подбро е да ја сакаш својата нација така што минимално ќе ја поднесуваш одошто да ја лажеш и крадеш.
6. Нашиот идентитетски пакет во моментов не оддалечува од европското семејство, ако поради ништо друго тогаш поради хистеријата. Човек не треба да биде психолог за да ја види нашата автентична национална хистерија.
7. Нам сега најдобро би ни дошол еден долг, долг одмор заради национално и идентификациско смирување.
8. Вистинското осознавање е лажен филозофски проблем. Никој никогаш нема да успее себеси вистински да се осознае.
9. Владата го искористи тој процеп за да завладее со сите ресурси во државава, вклучувајќи го тука и здравиот разум.
10. Скопје 2014 е корупциски проект на една шизофрена влада, тој е споменик на еден владетел.
11. Идните граѓански отпори не треба да бидат насочени само кон уривање на корумпираната власт туку, многу поважно, кон уривање на медиумската инфраструктура што го овозможува непреченото владеење. Битката за враќање на нормалноста мора да почне како битка против медиумските манипулации.
12. Неутралноста никогаш не била добар избор. Мора да се даде отпор против лагата.
13. Човековите права мора да бидат пресечна точка на новата конституција.
Треба ли да кажам дека јас ги споделувам безрезервно сиве овие размисли на Котеска. И кога е во прашање мојот емоционален однос кон стварноста, а можеби уште повеќе, кога се во прашање аналитичките, теориските, компаративните, културолошките и други принципи од кои произлегуваат моите погледи на македонската драма. Во оваа прилика сакам да се обидам да извршам одредени воопштувања на неколку точки.
Власта на Груевски претставува радикален дисконтинуитет во политичката пракса на демократска Македонија во насока на воспоставување на нов тоталитарен модел кој од аспект на власта, но и од аспект на мнозинството, се инсталира не како нешто што му се наметнува на народот, туку како систем кој најмногу им одговара на политичките, културните социјалните и други капацитети на нашите луѓе, како спас од комликациите што ги произведува демократијата, како систем во кој се исфрлаат сите елементи што и пречат на непосредната љубовна врска меѓу народот и власта односно Организацијата што таа ја претставува. Нема опозиција, нема слободни медиуми, нема независни институции, нема културна култура, односно ги има, но, само како обични провизориуми за парада пред Европа и пред светот. Тие радикални промени ги зафатија и од темел ги разнишаа сите основи на нашето постоење, културата, можеби пред се, образованието, јавноста, дебатата, политичноста.
Тоа значи дека смената на режимот може да се случи или како резултат на некоја беспоговорна надворешна интервенција (случајот со нацистичка Германија) или како резултат на страшни внатрешни експлозии.
На оној што на спасот од еден тоталитарен режим гледа само како на чин на политичката промена, треба да се гледа или како на дилетант или како на провокатор. Дури и кога би била можна таа варијанта треба да се каже дека ниту една нова власт нема да биде во состојба да ги совлада предизвиците што ги отвори режимот на чипираните идиоти, ако дојде само како политичка смена без визата, мандатот и енергијата на општите промени.
Борбата мора во старт да се самодефинира како најширок можен политички, културен и општествен проект. Тие промени не можат да се случат како битка на опозицијата против власта туку само како битка на граѓанството за “реинсталирање на нормалноста” (Ј.К.). Поголема е веројатноста проектот да успее ако отпорот, за кој пишува Котеска, се воздигне на нивото од кое на опозицијата ќе се гледа како на објект на промените отколку што со опозицијата како главен субјект можеме да се надеваме на нешто добро. Тој што не ја гледа оваа закономерност е обичен калкулант и политички мршојадец.
Се додека доминира сегашното појавно ниво на конфликтот како борба на Црвенковски против Груевски и на СДСМ против ВМРО (и обратно), нема да може да се случи експлозија на општествената енергија затоа што природата што тие субјекти и нивниот однос ги носат со себе не го разгорува туку го блокира, па дури и го анестезира конфликтот. Луѓето се плашат од промени.
Тоа е во основата на невозможноста од еден сериозен замаец (исфрлањето на пратениците и на новинарите од Собранието) да се оформи (само)одржливо и постојано растечко движење на отпорот. Опозицијата прави некакви напори да ја поопштестви борбата, но тоа се активности од кои сосема јасно се гледа дека главната цел им е да ја задржат централната позиција во битката. Парадоксално, дури и по цена на пораз. Тие ја банализираат ситуацијата при што банализацијата се покажува како закономерен израз на нивната природа, а не како некаква политичка или идеолошка одлука или стремеж.
Нашите проблеми се во темелното разорување на општественото ткиво, а тоа е деформација која мора да дефинира многу сериозни одговорности и кај опозицијата и кај целата политичка класа. Од оваа драма ние можеме да излеземе само ако страстно сакаме да конституираме нешто ново. Нешто сосема ново. Не шминка, не измама, не замена на муда за бубрези и слични марифетлуци.
Минималната пристојност и политичка култура налагаат оние кои се соодговорни за оваа срање да се повлечат или да се обидат да ја искупат својата одговорност на некое поскромно место во рамките на граѓанските отпори. Непристојно е Георгиевски и Црвенковски да се фронтмени на отпорот и тоа пред општата публика која многу добро знае дека без нивните свесни или несвесни асистенции Надвојводата ќе си беше обичен комита или боксер во мува категорија.
Пред некоја година пишував дека немаме никакви гаранции дека без Црвенковски нашите шанси ќе бидат подобри и дека ги имаме сите гаранции дека со него, во сите политичкопартиски овоплотенија, ќе ни бидат полоши. Тоа е доведено на нивото на елементарноста која вели дека на дното на океанот не може да се пали ражен за печење на волот на победата. Сите дефиниции на состојбите покажуваат дека неговото повлекување може да се покаже како клучен момент. Не во мај на конгресната смехотворност на есдеесето, туку сега и тука. Како што и неговото останување може да се покаже како клучно, но во негативна смисла. Ако не се повлече Македонија и тој како лидер ќе завршат во страшен пораз, а ако се повлече, може да се случи победничка Македонија да го смета тој храбар чин за сериозна олеснителна околност кога ќе дојде ред да се мери неговата одговорност за историскиот пораз.
БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
http://www.globusmagazin.com.mk/