Фудбалската репрезентација на Аргентина е пред голем предизвик. Популарните „Гаучоси“ ќе мора да остварат победа на гостувањето кај Еквадор доколку сакаат да останат во игра за пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Русија.
Во пресрет на последното коло од Јужноамериканските квалификации, Аргентина е на шестото место на кое не носи ниту настап во баражот. Само со победа над Еквадор, Меси и дружината може да сметаат на место на СП, но дали со директен пласман или преку дополнителен бараж, ќе зависи од резултатите и на останатите дуели.
Комплетни двојки за последното 18 коло: Бразил – Чиле, Еквадор – Аргентина, Парагвај- Венецуела, Перу – Колумбија и Уругвај- Боливија.
Сите натпревари ќе започнат во терминот од 1 часот и 30 минути по полноќ.
Табела: Бразил 38 бодови, Уругвај 28, Чиле 26, Колумбија 26, Перу 25, Аргентина 25, Парагвај 24, Еквадор 20, Боливија 14 и Венецуела 9.
Директен пласман на Мундијалот во Русија ќе обезбедат четирите прворангирани селекции, додека петто пласираната ќе игра бараж против Нов Зеланд.