Диви сметлишта на разновиден комунален смет, што на места е опожарен, и изградени импровизирани живеалишта се лоцирани при вонредните ноќни надзори во општините Карпош и Ѓорче Петров, информира денеска Државниот Инспекторат за животна средина.
Во акцијата спроведена на 6 октомври во периодот од 1.30 до 6.30 часот извршени се надзори и на два правни субјекти со А-ИСКЗ дозволи, „Адинг“ и „Алкалоид“ – Ѓорче Петров, при што е констатирано дека двете инсталции немаат работен процес и сите складови за секундарни суровини на овој потег се затворени.
Координатор на акцијата е ДИЖС, а во неа учествувале државни инспектори, овластен инспектор од општина Карпош, овластен инспектор и комунален редар од Град Скопје и претставници од МВР.
Контролата е врз основа на поплаки и претставки на граѓани и здруженија на граѓани за зачестена појава на непријатна миризба во воздухот, особено навечер и потребата од лоцирање на можните извори на загадување на воздухот на територијата на општините Карпош и Ѓорче Петров.
Од ДИЖС информираат дека во согласност со законските ингеренции, а во однос на јавните површини каде имало расфрлан комунален смет ќе се обратат до надлежните општини со цел расчистување на овие диви сметлишта во најбрз можен рок.