Одлуката на Нобеловиот комитет за доделување на овогодишната Нобелова награда за мир на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје (ИЦАН), предизвика поделени реакција во меѓународната јавност.
Генералниот секретар на НАТО во својата реакција „го поздрави вниманието“ кое Нобеловиот комитет му го посветува на прашањето за неширење на нуклеарното оружје, но нагласи дека Договорот за забрана на нуклеарното оружје, што го промовира ИЦАН, е „погрешен пат за намалување на атомскиот арсенал“, додавајќи дека Алијансата „ќе остане нуклеарен сојуз“.
– НАТО е посветен на зачувување на мирот и создавање услови за постоење на свет без нуклеарно оружје. Ние ја споделуваме таа цел со ИЦАН. Но, сепак Договорот за забрана на нуклеарното оружје не не доближува до целта за создавање на свет без атомско оружје. Со него всушност се доведува во прашање напредокот што го постигнавме изминативе години во разоружувањето и неширењето на оружјето, се наведува во реакцијата на Столтенберг.
Според него, во услови на актуелното безбедносно опкружување, земјите на НАТО немаат друг избор освен задржување на сопствените никлеарни арсенали.
На овој договор се противат и водечките земји во НАТО, кои и самите поседуваат нукеларно оружје – САД, Велика Британија и Франција, а лидерите на Алијансата често напоменуваат дека „термонуклераната одбрана е најдобра одбрана“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со доделувањето на Нобеловата награда за мир на ИЦАН оцени дека кога е во прашање глобалната безбедност „не постои алтернатива за нуклеарната рамнотежа“.
– Претседателот (на Русија) Владимир Путин повеќепати го истакна значењето на нуклеарната рамнотежа за која нема алтернатива доколку се гледа од аголот на глобалната безбедност и стабилност, рече Песков.
Тој нагласи дека Русија има активна позиција во неширењето на атомското оружје и дека е „одговорен член на нуклеарниот клуб“.
Стејт департментот во реакција на наградата уште еднаш потврди дека САД немаат намера да го потпишат Договорот за забрана на нуклеарното оружје.
– Овој договор нема да го направи светот побезбеден, нема да доведе до елиминација на нуклеарното оружје и нема да ја унапреди безбедноста, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Од друга страна, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го поздрави доделувањето на Нобеловата на града за мир на ИЦАН, додавајќи дека денес како никогаш досега „ни е потребен свет без нуклеарно оружје“.
Според Гутереш, доделувањето на наградата на ИЦАН е „добар знак“ во врска со потпишувањето на Договорот за забрана на нуклеарното оружје од што поглем број земји.
Доделувањето на наградата на ИЦАН го поздрави и претседавачот на ОБСЕ, австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, кој нагласи дека борбата против нуклеарното оружје не е само основна задача на оваа кампања, туку тоа е и долгогодишна заложба на надворешната политика на Австрија.
– Со доделувањето на Нобеловата награда за мир на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје се оддава должно признание на сите мисии кои се залагаат против употребата на нуклеарното оружје, кое претставува закана за целото човештво, оцени Курц.
Договорот за забрана на нуклеарното оружје, кој во јули годинава го постигнаа 122 земји членки на ОН, досега, според податоците на ИЦАН, го потпишале 53 држави, а три веќе и го ратификувале.