Репрезентациите на Полска и на Чешка вечерва постигнаа победи на гостински терен на дуелите од 9. коло од квалификациите за Светското првенство во Русија 2018.
Со триумфот над Ерменија со 6:1 Полска е на чекор до првото место во групата Е и со тоа и пласман на Мундијалот. Потребно е вечерва Црна Гора и Данска да одиграат нерешено. Во моментов Полска има 22 бода, а Црна Гора и Данска по 16.
Најдобар играч во триумфот на Полска беше Роберт Левандовски, кој постигна три голови или вкупно 15 на девет натпревари од квалификациите.
Покрај дуелот Црна Гора – Данска од оваа група вечерва играат и Романија – Казахстан.
Во групата Ц, Чешка како гостин ја совлада селекцијата на Азербејџан со 2:1 и се проби на третото место на табелата, со два бода повеќе од денешниот ривал.
На првите две позиции во групата се Германија и Северна Ирска, кои вечерва играат во Белфаст. Во третиот дуел од групата играат Сан Марино – Норвешка. Германија е прва со 24 бодови, а С.Ирска има 19, Чешка 12, а Азребејџан 10.
Вечерва во терминот од 20:45 часот се играат и дуелите од Ф групата: Англија – Словенија, Малта – Литванија и Шкотска – Словачка. Англија е лидер на групата со 20 бодови, пред Словачка со 15, Словенија и Шкотска имаат по 14.