Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов денеска во изјава за медиумите рече дека и хаосот, сметот и ѓубрето што го дишат сограѓаните од населените места Лисиче е дел од градот Скопје и дека таму нема елементарни услови за здрав живот. Како што кажа тој, таму во целост е прикажана негрижата која што локалната власт и на ниво на општина Аеродром и на ниво на градот Скопје ја има кон своите сограѓани, скопјани.
– По победата на 15 октомври, Скопје повторно ќе стане Град на хуманитарноста. Хуманитарноста ја враќаме како еден од нашите врвни приоритети. За разлика од досега, ранливите категории на граѓани, а наши сограѓани, лицата со посебни потреби кои што беа ставени на маргините на општеството, ќе бидат во еден од приоритетите за нивно вклучување во системот за обезбедување на можности за квалитетен живот, нормално секојдневие и ефикасно функционирање. Во тој контекст, секоја следна градска политика, инвестиција, секој тротоар и плоштад, лифт или зграда, кои што се под надлежност на градот и на општините составен дел од градот, мора да бидат инклузивни и за оваа категорија на граѓани, рече Шилегов.
Тој си зеде обврска секоја индустрија, јавен простор и урбан простор да го направи пристапен за секој до крајот на мандатот и дека ќе обезбеди дефектолог во секое училиште, што ќе овозможи крижа за оваа категорија на лица.
– Градот на солидарноста не ги заборава луѓето од улиците. Градиме преноќувалиште за бездомници, со што ќе обезбедиме кров над глава за секого во ладните скопски ноќи, и ќе нудиме и бесплатни оброци, основна здравствена хигиена. Новата градска администрација ќе обезбеди ефикасен пристап до европските средства, кои што досега целосно беа занемарувани. Преку нив ќе работиме на системска поддршка на бездомниците и на сите категории граѓани на кои што тоа им е неопходно. Затоа ве повикувам на 15 октомври да гласате за бројот 19, да гласате за промени, да гласате за еднакви можности за сите, рече Шилегов.