Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска е во работна посета на Брисел каде е еден од говорниците на настанот на тема: „Реформите во јавната администрација и проширување на Европската унија – Перспективите на граѓанското општество на Балканот“, организиран од Центар за европски политики.
– Владата е одлучна и отворена за вклучување на граѓанскиот сектор во креирање политики. Отвораме јавни дискусии на сите позначајни теми и граѓанскиот сектор е клучен партнер во тој процес. Тоа е случај и со реформите во јавната администрација. Една од најзначајните работи за МИОА е финализирање на Стратегијата за реформи во јавната администрација. Ова се уште е голем предизвик со оглед на штетите направени од претходната влада и степенот на партизираност на јавната администрација, истакна министерот Манчевски во својот говор.
Тој се осврна на улогата на граѓанското општество во одлуките што ги носи Владата.
– Вклучувањето на граѓанското општество е значајно затоа што го пополнува недостатокот на владините институции во делот на истражувањата и анализите на состојбите. Тука, Владата и МИОА можат да им помогнат на граѓанските организации обезбедувајќи им пристап до потребните информации. Најважно е да постои отворен дијалог. Имаме долг пат пред нас за враќање на демократијата и соработката со граѓанскиот сектор е еден од клучните алатки за остварување на таа цел“, заклучи министерот и додаде дека не одбил ниту една покана за средба со граѓанските организации и оти планира да продолж да разговар со нив за сите идеи, предлози и предизвици.